1.30 часот е по полноќ, а кај Дрво декор стотици граѓани чекаат на тесниот тротоар за вратите од петте паркирани автобуси да се отворат. Пристигнуваат автомобили со нови патници, такси возила, други пак пеш со ранец доаѓаат од кеј. Се носат чадори, фрижидерчиња, сламени простирки. Други се наоружале само со шешир и очила, подготвени да се борат за лежалки.

Ваква е сликата секој викенд пред паркингот кај „Холидеј ин“ каде и годинава се собираат оние кои уплатиле еднодневно капење на грчките плажи. Најмалку два автобуса ќе се упатат кон првиот крак, еден со поблиска дестинација – Неа Каликратија или Неа Флогита, друг кон Паралија, а возило има и за Албанија, за плажата во Шенѓин.

Се тргнува во 2 часот, во случај гужвата кај „Богородица“ да се собрала уште рано рано. Ама, затоа, пак, во 8 часот по грчко време, автобусот те остава на плажа. Имаш најмалку 10 часа да ги поминеш покрај море, да се сончаш или да се криеш под сенка, да пливаш или само да го дишиш морскиот воздух. За појадок сендвич или кроасан од дома, за ручек – никогаш доста од гиро. Едно кафе или цеден портокал, многу вода…

За многумина оваа еднодневна екскурзија е единствениот излет кој можат да си го дозволат, а да се на море. Некои не ги добиваат слободните денови кои им следуваат. Причините се различни, ама автобусите, како и претходните години – се полни.

И јас и сопругот работиме за приватници, па лани не успеавме да се поклопиме во деновите за одмор. Решивме да ги испробаме овие понуди, како најисплатливи за нас. Наместо тој да вози и да се грижиме за гужвите и колоните на граница, и двајцата спиеме на седиште, се будиме на плажа, уживаме, па до 23 часот сме дома. Можеби е малтретирање, но и патот и парите се подобри од одење во Охрид, вели патничка. 

 

Самохрана мајка сум и ова ми е единствен начин да го одведам детето на море, утре да не мора да се срами пред другарите кои летуваат во Грчка и тоа по два пати, вели друга жена.

 

Три другарки сме, никоја не вози, па овие опции ни се топ, вели патничка. 

Меѓу најчестите поплаки на патниците се лошите услови кои некогаш ги пречекуваат во овие автобуси. Расипано столче, пресилна клима, никаква клима, луѓе што заборавиле дека не се возат сами…Но, и следниот викенд се бара место повеќе.

Во коментарите под огласите за ваквите излети на „Фејсбук“, пак, секогаш има некој што вели дека еден ден е само малтретирање, пат кој не се исплати, зошто им се полнат џебовите на Грците…

Она што им е заедничко и на едните и на другите, е што постојано се бара овие тури да се организираат со една или две ноќи преспивање, но од туристичките агенции кои ги нудат овие ексурзии велат дека тоа е невозможно.

Кој ќе изнајми соби за 50 души само за една ноќ и тоа сред сезона?, велат од една туристичка агенција.

 

Гледаме да организираме викенд екскурзии кога има продолжен викенд или при крај на сезона, но и тоа знае да биде прескапа опција за граѓаните и да останат празни места, велат од другата агенција.

Годинава цените од Скопје за Грција за еднодневна ексурзија се движат од 1100 до 1300 денари, во зависност од крајната дестинација. За деца се плаќа некоја стотка поевтино. Граѓаните кои на своја рака организираат викенд со преноќување, односно да одат со автобусот во сабота а да се враќаат со оној во недела, плаќаат две карти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.