-Би требало некаде во крајот на месец мај да се конституира новиот пратенички состав. Очекуваме идната претседателка да го додели мандатот на претседателот Христијан Мицкоски како мандатар затоа што се освоени најголем број на пратенички места и некаде очекувам дека во месец јуни ние ќе го имаме заокружено овој процес и ќе имаме идна влада која што веднаш потоа ќе започне со сериозна работа, истакна Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во своето гостување во емисијата „За или против“.

Митева во текот на своето гостување порача дека новиот пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ ќе го почитува Деловникот и нема да дозволи злоупотреба на европското знаменце како што тоа го правеа СДС и ДУИ. Таа додаде дека пратеничкиот состав на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат гласот на граѓаните како и дека ќе ги штитат македонските национални интереси.

-Можам да кажам дека пратеничкиот состав на ВМРО-ДПМНЕ изминатите години покажа што навистина значи посветен пратенички состав во делот на она што е нивна надлежност а тоа е законодавната власт. Сигурна сум дека ќе се продолжи таа пракса и сите добри примери би кажала кои што биле во изминатиот мандат ќе се применат. Како новитет можам да кажам дека со сигурност нема да се закажуваат седници во 12 часот попладне, вие медиумите да дознаете први за тоа некако на многу кратко време и истата седница да започне само половина час откога е закажана. Принципот на такво делување ќе го напуштиме и ќе се работи согласно Деловникот кој што го има Собранието на Република Македонија. Во однос на злоупотребата на европско знаменце морам да ви кажам дека сме навистина сериозно посветени да ја поткренеме довербата на граѓаните во тој дел и навистина таа седница, на таа комисија да се наоѓаат закони кои кореспондираат со европската регулатива. Можам да ви кажам дека ќе бидеме навистина гласни и дека навремено ќе ги информираме граѓаните за оние законски решенија кои треба да донесат подобри политики, ќе отвараме широк дијалог. Јас и во Собранието ќе бидам гласот на граѓаните, да ја оправдам довербата која што ни е дадена, да ги штитам македонските национални интереси затоа што сметам дека тоа е клучно и дека еден пратеник тоа мора да го почитува и дека заради тоа ја добил довербата. Сигурна сум дека сите пратеници го делат овој став затоа што разговарајќи, споделувајќи искуства велат дека мора да го поткренеме реномето на собранието затоа што досега навистина е уништено, потенцираше Митева.

Митева потоа се осврна и на собраниските седници каде истакна дека на една од првите собраниски седници ќе се најде ребалансот на буџетот за да се започне економска трансформација на Македонија.

-Јас можам да кажам дека на една од првите собраниски седници граѓаните може да очекуваат дека ќе се посветиме на ребалансот на буџетот кој што планираме да го направиме се со цел да започнеме со економска трансформација на Македонија. Факт е дека за измените на кривичниот законик беше еден од скандалозните закони кои власта ги донесе изминатиов период и на сосема недемократски начин да потсетиме дека истиот тој закон се најде на Комисијата за европски прашање да помине со европско знаменце. Нема да отстапиме од она што како опозиција зборувавме дека е штетно и од она за кое зборувавме дека беше погрешно, ќе дадеме максимален напор да ги подобриме тие состојби. Јас верувам дека во онаа комисија во рамки на Собранието, законодавно-правна комисија сериозно ќе се разгледуваат сите такви закони, министерството за правда ќе биде коректор на тие закони и некако чекор по чекор сите овие неправди. Една од нив е и овој законик , верувам дека ќе се најдат на една од седниците на која можеби ќе ги промениме работите на подобро и ќе ја вратиме довербата, додаде Митева.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.