Најсрдечни честитки и искрени желби за успешно исполнување на високата задача, на првата избрана жена за претседател на Македонија Гордана Силјановска Давкова, упатува во честитката поранешниот албански претседател Илир Мета.

Искрено верувам, додава Мета во честитката објавена на социјалните мрежи, дека таа ќе одигра многу важна улога во натамошното зајакнување на „одличните меѓусоседски односи меѓу нашите две земји и народи, како и во подобрувањето на меѓуетничкиот соживот во Македонија”.

-Убеден сум дека претседателката Гордана Силјановска Давкова ќе даде нов поттик на билатералните односи во поглед на перспективата на заедничка интеграција и што поскоро во Европската Унија, напиша Мета на Фејсбук.

Истовремено, Мета се заблагодарува на претседателот Стево Пендаровски за одличната соработка во периодот додека бил претседател на Албанија.

-Му благодарам на претседателот Пендаровски за одличната соработка што ја имавме за време на извршувањето на мојата должност како претседател на Република Албанија, за неговата посветеност на почитување на правата на Албанците, државотворен фактор во Македонија, за отворените, фер и принципиелни ставови против „Отворен Балкан“, како и за цврстата поддршка на „Берлинскиот процес“, посочува Мета.

Мета на функцијата претседател на Република Албанија беше од  24 јули 2017 до 24 јули 2022. Тој сега е лидер на Партијата на слободата, која се смета за трета партија по членство во земјата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.