Турција побара екстрадиција на 33 лица осомничени за тероризам во рамките на договорот со кој се согласи да не го блокира приемот на Шведска и Финска во НАТО.

Двете скандинавски држави денеска и формално добија покана за членство во НАТО и генералниот секретар Јенс Столтенберг очекува процедурата да заврши во рекордно краток рок. Русија го опиша проширувањето на НАТО како дестабилизирачки фактор.

„Очекуваме Финска и Шведска да ги исполнат своите ветувања. Ќе бараме екстрадиција на терористи“, изјави турскиот министер за правда Бекир Боздаг.

Анкара претходно се закани дека ќе го блокира зачленувањето на Финска и Шведска во НАТО, обвинувајќи ги дека даваат засолниште на курдски милитанти.
Боздаг ја повика Финска да екстрадира шестмина членови на Курдската работничка партија (ПКК) и уште шестмина припадници на движењето на Фетулах Ѓулен, додека од Шведска се бараат 11-мина членови на ПКК и десетмина ѓуленисти. Шведска и Финска досега не ги коментираа овие барања.

ПКК има статус на терористичка група во ЕУ, Велика Британија и САД, но не и движењето на Ѓулен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.