Германските министри изјавија дека владата ќе го забрза издавањето работни дозволи и визи за неколку илјади странски работници, главно од Турција, со цел да се регулира хаосот што настана на аеродромите поради почетокот на летната сезона.

Патниците во Европа се соочуваат со долги редици на аеродромите поради недостиг на персонал.

„Многумина со нетрпение ги очекуваат одморите по долгата пандемија, па затоа е фрустрирачки кога се случуваат ситуации како оваа на аеродромите“, рече министерот за труд, Хубертус Хејл, на прес-конференција.

Германија сега планира да донесе искусни работници, претежно од Турција, кои ќе работат во земјата, вклучително и за ракување со багажот, рече министерката за внатрешни работи, Ненси Фајзер.

Сепак, тие ќе мора да ги поминат истите безбедносни проверки како и домашните работници пред да почнат да работат.

Авиокомпаниите, од кои некои се надеваа дека ќе може да ангажираат странски персонал преку агенции, сега ќе може директно да ги вработуваат и да им даваат стандардни плати.

Министерот за труд ги обвини авиокомпаниите и аеродромските оператори за недостиг на персонал истакнувајќи дека тие отпуштиле премногу работници за време на пандемијата.

За време на викендот на германските аеродроми настана вистински хаос, пренесуваат медиумите во регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.