Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска ја потврди непоколебливата поддршка на Германија за Израел по „варварскиот напад“ од Хамас.

Единственото место на Германија е со Израел, рече германскиот лидер пред членовите на Бундестаг, Долниот дом на парламентот.

Нашата сопствена историја, нашата одговорност што доведе до холокаустот ни наметнува постојана должност да го браниме постоењето и безбедноста на Израел, рече Шолц.

Тој го повика претседателот на палестинската управа Махмуд Абас јасно да го осуди нападот на Хамас врз Израел, нарекувајќи го неговиот молк „срамен“.

Се прашувам каде е јасната осуда на терористичкото насилство (од Хамас) од страна на палестинските власти и нивниот претседател Махмуд Абас? Нивниот молк е срамен!, рече Шолц.

Германскиот канцелар оцени дека Хамас не можел да изврши напад „без преседан“ врз Израел без поддршката на Иран во последните години.

Засега немаме материјални докази дека Иран конкретно го поддржал овој кукавички напад на Хамас, рече Шолц.

Но, јасно ни е дека без иранската поддршка во последните години, Хамас немаше да може да изврши напади без преседан на израелска територија, додаде тој.

Според него, Германија ќе ги искористи „сите свои контакти“ за да спречи ескалација на Блискиот исток и да ги ослободи заложниците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.