Рускиот претседател, Владимир Путин, изјави дека шефот на руската платеничка вооружена група „Вагнер“, Евгениј Пригожин ја отфрлил понудата неговите борци да се приклучат на руската армија.

Путин изјави дека голем број команданти на руската армија го поддржале планот Пригожин да командува со тие луѓе, што било предложено на заедничката средба во Москва на 29 јуни.

Сепак, Пригожин одговорил на предлогот дека „неговите момци не се согласуваат со таквата одлука“, иако Путин наведе дека „многу офицери на Вагнер кимнувале со главите“ додека тој зборувал за предлогот на состанокот.

Припадниците на „Вагнер“ сега обучуваат војници во Белорусија, каде што се од крајот на маршот кон Москва на 24 јуни, соопшти Министерството за одбрана во Минск.

Министерството објави видео на кое наводно се гледа како припадници на „Вагнер“ тренираат белоруски војници на воен полигон во близина на градот Осиповичи, 90 километри југоисточно од главниот град Минск.

За време маршот во јуни, трупите на „Вагнер“ неколку часа контролираа руски воен штаб во јужна Русија и патуваа неколку стотици километри кон Москва. Маршот заврши со договор кој предвидуваше заминување на Пригожин во Белорусија.

Путин им понуди на борците на Пригожин да им се придружат на редовните руски трупи, да одат во Белорусија или да се демобилизираат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.