Украинската државна телевизија јави дека денеска, во раните утрински часови, се слушнале експлозии во украинските градови Николајев и Запорожје, додека во главниот град Киев се слушале сирени за воздушен напад.

-Експлозиите се во Запорожје, потврди шефот на градската администрација Александар Старух, пренесува Тасс.

Извештаите за експлозии во Николајев и сирените за воздушни напади во Киев доаѓаат од дописници на украинската телевизија во двата региона.

Во регионите на Киев, Суми, Черкаси, Кировохрад, Николајев, Дњепропетровск, Харков и Полтава, како и во делот на регионот Запорожје, контролиран од Киев, прогласена е тревога за воздушен напад, соопшти Тасс.

Во градот Херсон рано утринава се слушнале пет експлозии, јавија руските медиуми додавајќи дека според неофицијални информации, активирани биле системите за противвоздушна одбрана.

Херсон, административниот центар на поширокиот истоимен регион, беше еден од првите градови што паднаа во рацете на руските сили од почетокот на инвазијата на Украина во февруари.

Иван Фјодоров, прогонетиот градоначалник на Мелитопол – град под руска контрола во јужниот дел на регионот Запорожје, претходно преку каналот Телеграм соопшти за силна детонација во градот.

Според руските медиуми, локалната полиција назначена од Русите соопштила за експлозија во непосредна близина на главниот пазар во Малитопол, во која немало жртви.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.