Сѐ уште нема договор за ембарго на руската нафта во рамките на Европската Унија, изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек.

Германија би го поддржала ембаргото за нафта, но другите земји се’ уште не се подготвени, рече тој по состанокот со здруженијата на средни претприемачи во Берлин. Хабек рече дека ембаргото нема да ја остави Германија без последици и дека ќе има високи скокови на цените.

Промената може да значи и привремен дефицит, додаде министерот, мислејќи на рафинеријата во Шведт во близина на границата со Полска, која е под контрола на руската државна компанија Роснефт. Меѓутоа, ембаргото повеќе не значи дека Германија ќе западне во нафтена криза.

Унгарија продолжува да се спротивставува на секое ембарго на Европската унија за увоз на руска нафта и гас.

„Позицијата на Унгарија за секое ембарго на нафта и гас не е променета. Ние не го поддржуваме“, изјави портпаролот на унгарската влада Золтан Ковач.

Двајца дипломати на ЕУ претходно изјавија за Ројтерс дека блокот се стреми кон забрана за увоз на руска нафта до крајот на годината.

Претставниците велат дека Европската комисија би можела да ги поштеди Унгарија и Словачка од ембаргото за увоз на руска нафта што е во подготовка.

Комисијата во вторник треба да го финализира новиот, шести пакет санкции против Русија поради нападот врз Украина, кој ќе вклучува забрана за купување руска нафта бидејќи извозот на нафта е еден од главните извори на приходи на Русија.

Унгарија, која е силно зависна од руската нафта, постојано повторува дека нема да се согласи со санкции за енергетскиот сектор. Словачка е исто така една од земјите-членки на ЕУ најмногу зависни од руските фосилни горива. Според тоа, комисијата би можела да им понуди на Словачка и Унгарија „исклучување или долг преоден период“, рече еден официјален претставник, пренесе Индекс.

Нафтеното ембарго, сепак, веројатно ќе биде наметнато постепено и најверојатно нема целосно да стапи на сила до почетокот на следната година, изјавија официјални лица. Пакетот ќе биде претставен пред амбасадорите на земјите членки на ЕУ во среда.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.