Одлуката на американскиот претседател Џо Бајден да заплени седум милијарди долари од замрзнатите авганистански средства ои да ги префрли во американските банки за обештетување на жртвите од терористичкиот напад на 11 септември 2001 година и за хуманитарна помош за авганистанскиот народ, предизвика бес кај Авганистанците.

Бајден вчера ја потпиша извршната наредба, отворајќи го патот за распределба на авганистанските пари складирани во САД, за хуманитарна помош за земјата и за компензација на американските жртви од нападите на 11 септември.

Авганистанските групи, вклучувајќи ги и поранешните политичари, академици и талибанците, изразија бес од одлуката на Бајден.

Американската кражба и запленувањето на замрзнатите средства на авганистанскиот народ е најниско ниво на човечко и морално распаѓање на една земја и народ – напиша на Твитер портпаролот на талибанците, Мохамед Наим Вардак.

Многу Авганистанци напишаа на социјалните мрежи дека Бајден им ги краде парите на многу заслужни Авганистанци, кои немаат никаква врска со тероризмот во САД. Според нив, нема Авганистанци меѓу терористите вклучени во нападот на Светскиот трговски центар во Њујорк во 2001 година. Осама бин Ладен, лидерот на Ал Каеда, подоцна беше убиен во Пакистан.

Експертите велат дека заплената на замрзнатите средства, како што е наведено во извршната наредба на Бајден, ќе биде ненадоместлив удар врз авганистанската економија.

Ова во суштина им ги враќа на Авганистанците нивните сопствени пари како хуманитарна помош, а во исто време ја задушува економијата – напиша на Твитер авганистанскиот политички аналитичар и истражувач Мохсин Амин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.