Реки пренасочени во цевковод, изградени брани во коритата, сечи на шумите околу нив и ерозија, е сликата со која се соочува подрачјето на Демир Капија, кое веќе шест децении е заштитено на хартија како споменик на природата, но не и во пракса.

За овој вреден предел во следната една година ќе се изработува нова Студија за валоризација на природните вредности, која ќе треба да биде основа за нова и вистинска заштита. Се очекува најмалку четири притоки и дел од Вардар да влезат во новата заштитена зона, која ќе треба да се преклопи и со идното Натура 2000 подрачје, како и со постоечките Емералд подрачја по течението на Вардар и со ИБА подрачјето значајно за птиците.

Домашни и меѓународни експерти од The Nature Conservancy заедно со претставници на Министерството за животна средина, локалните власти и Еко Свест неодамна го истражуваа подрачјето на Демир Капија, кое треба да се репрогласи и за кое се докажало дека се соочува со низа девастации.

„Ги посетивме Иберлиска река, Копришничка река, Дошница и топлите вирови и долното течение на Вардар. Иберлиска река уште во шеесеттите години на минатиот век е препозната како подрачје кое е вредно за заштита заради богатството на флора и фауна и покрај чиј брег се познатите шуми на платани. Копришничка река со нејзините водопади во еден дел е во недопрена состојба, но околу неа има гола сеча на шуми и ерозивни процеси, што значи дека подрачјето кое треба да е под заштита, всушност е девастирано и ќе бидат потребни навистина големи мерки за реставрација. На оваа река има и голема бетонска брана“, вели Ѓорѓи Митревски од Еко Свест.

Посочува дека експертите констатирале дека и стотина метри од Клисурска река се затворени во цевковод и пренасочени подземја заради изградба на автопатска делница, која одамна е завршена, но реката не е вратена во првобитна состојба.

Еден од главните предуслови за вистинска заштита на клисурата, реките и биодиверзитетот е изработката на нова Студија за валоризација на природните вредности на Демир Капија, за која веќе е потпишан меморандум за соработка со донаторот The Nature Conservancy. Митревски очекува експертскиот тим што ќе ја работи да се оформи летово, а изработката да започне наесен. Ќе се работи најмалку една година за да се опфатат сите сезони за истражувања. Студијата треба да покаже со какви вредности обилува ова подрачје, не само на геодиверзитет туку и на биодиверзитет, хидрологија и други, а ќе даде и прецизен опфат на територијата која треба да се најде под активна заштита.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.