Советот на Општина Аеродром вчерва го изгласа и усвои новиот развоен буџет за 2023 година кој, како што велат, примарно се заснова на капитални и зелени проекти, како и инвестиции во сите области. Посебен акцент во буџетот е ставен на изградба и доградба на нови градинки и училишта, како и изведба на нови плоштади, паркови и сообраќајници.

Буџетот има цел да ги реши предизвиците со капацитетите за упис и едукација на децата во градинките и училиштата, се издвојуваат значителни средства за подобрување на воспитно-образовниот процес, вметнување на нови содржини во наставата и создавање современи услови за учење, спортување и правилен раст и развој на нашите идни генерации, велат од Општината, додавајќи дека и оваа година буџетот предвидува инвестиции во професионалниот и рекреативниот спорт, со што Аеродром се стреми да го задржи епитетот на најспортска општина во Македонија.

И покрај сериозниот удар од економската и енергетската криза на државно ниво, буџетот за наредната година е креиран така што ќе ги задоволи барањата на граѓаните и ќе овозможи реализација на капитални и зелени проекти. Сметам дека заедно со мојот тим, но и на консултативните средби со граѓаните на кои тие лично ни ги кажаа своите сугестии и предлози, а од кои голем дел ги земавме предвит, успеавме да создадеме развоен буџет кој ќе биде по мерка за аеродромци, истакна градоначалникот Муцунски.

Од Општина Аеродром велат дека и во 2023 година ќе продолжат со грижата за најранливите категории граѓани преку креирање мерки и политики за олеснување на нивниот живот.

Истовремено, остануваме посветени на заложбата за создавање нови зелени површини и заштита на природата и животната средина. И во годината која следува остануваме посветени и фокусирани на нашите жители и на создавањето подобри услови за живот и работа на секој аеродромец, велат од Општината.

Од ВМРО-ДПМНЕ го поздравуваат овој Буџет, но потенцираат дека „коалицијата СДС, ДУИ и Левица функционира и во општина Аеродром, не го поддржаа буџетот кој носи нови градинки, училишта, паркови и улици“.

Коалицијата СДС, ДУИ и Левица чиј лепак се тендерите и матни зделки се против развојот на општина Аеродром. Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата сами го донесоа буџетот за 2023 година, со кој ќе се овозможи изградба на нови градинки, училишта, паркови и улици, а кои ќе бидат новиот лик на Аеродром. Буџетот на општина Аеродром за 2023 година е развоен, во кој е предвидени изградба на низа инфраструктурни објекти, капитални инвестиции и поддршка за граѓаните. По носењето на Буџетот, градоначалникот на општина Аеродром и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцински, кажа дека како прв човек на општината, се радува што следната година ќе продолжат важните и клучни проекти кои се започнати оваа година, а со што се остварува континуит во развојот на општината Аеродром како урбана, спортска, модерна и зелена општина. Нови градинки, нови плоштади, училишта и паркови – ова ќе биде новиот лик на Аеродром во 2023 година. Со Буџетот е предвидена и поддршка за ранливите категории граѓани, ќе се субвенционира спортот, ќе се вложува во неговиот развој и ќе се инвестира во проекти за секое населено место и за сите возрасни групи. Градоначалникот Муцунски изрази благодарност до Претседателот на Советот, Дејан Митески и до сите членови на Советот за поддршката и соработката во 2022 година. И во 2023 година како и во 2022 година, потребите и барањата на граѓаните ќе бидат приоритет во работата на општина Аеродром, велат од ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.