Советниците на Општина Ѓорче Петров го изгласаа Буџетот на општината во вредност од 359.182.303 денари. Буџетот е изработен тргнувајќи од основните цели за фискална стабилизација, економичност, рационалност во трошењето на буџетските средства и намалување на сите непродуктивни трошоци, информираат денеска од општината.

– Најголем процент од вкупните расходи припаѓаат на следниве категории на расходи: капитални расходи – 39,16 проценти од вкупните расходи, потоа следуваат расходите за набавка на стоки и услуги – 38,09 проценти и плати и надоместоци во износ од 16,60 проценти. Во буџетот на општината за следната година предвидени се средства и за реконструкција на улици, изработка на проекти за изградба на градинки и улици, изградба на игралишта, спортски терени, детски катчиња и пречистителни станици, се наведува во соопштението.

Во 2023 година со средства од буџетската каса, како што посочуваат од општината, предвидени се и дигитализација на услугите за граѓаните, изработка на урбанистички планови, нови капацитети за водоснабдување, еднократна парична помош за ранливи категории и новороденчиња, поддршка за спортисти и спортските клубови, заштита на животна средина, јавна чистота и култура.

При изработка на буџетот, како што се појаснува во соопштението, земени се предвид и идеите и потребите на граѓаните, што општината ги доби по пат на јавна анкета и отворен ден со граѓани.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.