Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, со директорот на ЈП Улици и патишта Борис Настов денеска извршија увид во почетокот на реконструкцијата на пешачките патеки во првиот дел од Градскиот парк.

Во успешно завршената реконструкција на пешачките патеки во вториот дел од паркот, каде веќе се реконструирани над 12.000 квадратни метри, продолжуваме со реконструирање на сите останати пешачки површини во Градскиот парк. Со реконструкцијата во оваа фаза е предвидено да бидат опфатени пешачки патеки на вкупна површина од 12.500 квадратни метри во првиот дел од Градскиот парк. Од вкупната површина 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани, а 5.000 квадратни метри пешачки патеки кои се затекнати во лоша состојба со големи оштетувања, ќе бидат санирани со нова асфалтна маса, истакна Арсовска.

Екипите на ЈП Улици и патишта, по налог на Град Скопје, во текот на изминатите денови веќе ги започнаа активностите за реконструкција на патеките во близина на малиот лавиринт во првиот дел од паркот и дополнително уредување на зеленилото.

Во активностите во оваа фаза на реконструкција на патеките во првиот дел од Градскиот парк ЈП Улици и патишта во изминативе денови веќе започнаа со целосна реконструкција на пешачките патеки со ризла, потоа следи фаза на реконструкција на оштетените асфалтни патеки и санација на истите кои ќе бидат обновени со нова асфалтна маса, посочи директорот Настов.

Реконструкцијата на пешачките патеки, обнова за зеленилото, поставување на нови садови за отпадоци, нова урбана опрема и санација на постоечката урбана опрема, како и реконструирање на плочници и тековно одржување на парковата опрема е дел од активностите кои Градот Скопје ги презема за обновување на Градскиот парк во корист на сите генерации, велт од Градот.

Активстите, пак, не мислат така. Зелен хуман град по објавувањето на веста дека се асфалтираат патеки во Градски парк испрати официјален допис до Град Скопје и до ЈП „Улици и патишта“ – Скопје со барање веднаш да ги адаптира своите активности на препораките кои се дел од стратешките документи што ги изработува локалната самоуправа.

Во Стратегијата за отпорно Скопје од 2017 г. се вели „Колку повеќе бетон и асфалт, толку повисока температура. Потребни се повеќе зелени површини, зелени покриви и зелени фасади.“ „Конвенционалните материјали за поплочување можат да достигнат летни температури и од 48-67°C. Ваквите загреани површини ја пренесуваат топлина во воздухот над нив со тоа значајно придонесуваат за создавањето на топлински острови. […] Улиците, плочниците, паркинзите, тротоарите и другите површини може да се конструираат со користење на пропустливи/проодни материјали за поплочување, и со тоа да се помогне да се излади околината, истовремено намалувајќи го истекувањето на атмосферските води.“, е наведено во студијата за Урбани топлински острови во Скопје од 2018 г.

Ако земеме предвид дека според картата на урбани топлински острови, централното подрачје на Скопје се издвојува како најтопло место во кое се забележани највисоки среднодневни температури, тогаш е сосема јасно дека сите напори и активности на Градот мора да се насочени кон намалување на температурите, а тоа секако не се постигнува со нанесување црн асфалт кога постојат далеку поадекватни алтернативи. Темните површини многу повеќе се загреваат од светлите, а со тоа и ослободуваат поголема топлина (а со тоа и емисии) во воздухот. Според јавно достапните научни податоци, црниот асфалт под директна сончева светлина ослбодува и до 300% повеќе емисии! Бекатон плочките и тревнатите плочници се веќе во широка употреба кај нас доколку чакалот не е алтернатива за одредени категории од нашите сограѓани. Не бараме решенија кои не постојат или се прескапи. Бараме решенија со кои ќе се одговори и на потребите на скопјани, но и ќе се гарантира заштита на природата, односно одржливо ќе се управува со едно од ретките зелени прибежишта во Скопје“, велат од „Зелен хуман град“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.