Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска ќе добие кривична пријава за клевета најави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Како што рече министерката причина за тоа се инсинуациите и небулозите дека „знаела за пожарот, но не пријавила веднаш“, но и другите работи за кои беше обвинета од Арсовска и ѝ порача дека ќе се видат на суд. Таа додаде дека нема да дозволи Универзална сала да биде дел од политичко препукување и дел од изборната агенда на Арсовска.

– Обвинувањата не заслужуваат внимание бидејќи се измислена приказна. Таа самата детално ќе објасни во тврдењата за мене. Изгледа добро и оди со судски тужби. Ако сака да биде обвинител и истражител, нека повели. За клеветите ќе се видиме на суд. Не само што покажа негрижа за градот и немање слух, туку покажа и дека единствениот начин со неа е само преку суд – рече Костадиновска-Стојчевска, додавајќи дека градоначалничката нема да успее да ја спречи реконструкцијата со вчерашната прес-конференција.

Министерката во моментов не може да каже зошто се запали салата. Најави дека сѐ уште трае истрагата и МВР ќе излезе наскоро со детали.

– Граѓаните не треба да се сомневаат, ниту да имаат страв дека Бисера или било кој друг од Министерството за култура направил упад во системот за јавни набавки – порача Костадновска-Стојчевска

Министрката рече дека Универзална сала е осигурана и ќе им биде вратена на граѓаните.

– Универзална сала не е личен имот на Данела Арсовска. За објектот одлучуваше Советот на Град Скопје. Ако тие одлучат, тогаш тоа е процес на кој што не можеме да влијаеме. Не можам да кажам во која осигурителна компанија е осигурана Универзална, бидејќи тоа е дел на изведувачот – додаде Костадиновска Стојчевска.

Посочувајќи дека Град Скопје предупредил дека проектот не обезбедува безбедна изградба, Арсовска вчера вели дека иако се сопственици на објектот, не биле информирани за отпочнување на градежните активности на концертната сала. По тврдењата на надлежните дека објектот е осигуран и штетата ќе биде покриена, градоначалничката бара одговор каде, кога и од кого е осигуран проектот и на која вредност.

Обраќајќи се пред новинарите на вчерашната прес-конференција, Арсовска рече дека е нејасно зошто министерката за култура ако дознала за пожарот пред 9 часот, истиот не го пријавила и зошто ако работниците и инженерката на фирмата се обидувале да го гаснат пожарот и откако не го локализирале, не пријавиле и не побарале помош од Противпожарната бригада на Град Скопје, каде многу подоцна е пријавен пожарот од страна на случаен минувач.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.