Вистински раскол владее во Бугарија по најавите дека владата на Кирил Петков би можела да попушти и да го одложи ветото за Македонија. Предупредувањата кои доаѓаа од министерката за надворешни работи Теодора Генчовска за двојна надворешна политика на Кабинетот на Петков дополнително ги подгреа и неговата изјава дека не може да се очекува сите барања на Бугарија да бидат исполнети сега, пред почетокот на преговорите.

Најглупавото нешто што можеме сега да го направиме е против бугарскиот интерес и ќе се сопнеме. Да бараме сè што сме сакале да се случи, да се случи пред подигнување на ветото. Тогаш националистите ќе ја преземат власта таму и тогаш шансите ни се нула. Сега имаме нормална влада таму и тaa е подготвенa да ги преземе ангажманите со европски договор, рече Петков.

Од друга страна, дека источниот сосед е под силен дипломатски притисок да дозволи Македонија да ги почне преговорите вчера потврди и претседателот Румен Радев. Притискот пред се доаѓа од САД, но и од неколку земји од ЕУ, но засега нема најави дека Бугарија ќе се согласи за старт на преговорите.

Тоа го призна и неговата заменичка Илијана Јотова, која нагласува декаима притисок врз Бугарија да го укине ветото за влез на Македонија во ЕУ и „тоа се должи на фактот што не успеале да воспостават рамнотежа меѓу геополитичките интереси и геополитичките одлуки на ЕУ и на Бугарија“.

Освен тоа, Петков е под силен притисок од дома дека лесно може да биде поранешен премиер ако попушти по прашањето за Македонија и ако не се држи до Декларацијата на бугарскиот паралемент каде јасно се исцртани позициите.

Заканите кон Петков дека може да му биде изгласана недоверба доаѓаат како од неговата коалиција, пред се од Социјалистите и од „Има таков народ“, но и од опозициската ГЕРБ, во чијшто мандат беше потпишан Договорот за добрососедство меѓу Борисов и Заев.

Пред неколку недели лидерот на „Има таков народ“, Слави Трифонов, побара од Петков да не го крева ветото бидејќи таков им бил договорот.

Шефицата на дипломатијата Генчовска, која доаѓа од партијата на шоуменот, посликовито објасни дека Бугарија има две надворешни политики, една на МНР, а друга на Петков.

Социјалистите беа уште подиректни. Георги Свиленски од раководството на Бугарската социјалистичка партија посочи дека ваквиот став го делеле 80 проценти од бугарските граѓани и оти тука нема место за компромис.

Заканите на бугарските политичари се реални, но тоа многу не е важно за Македонија бидејќи Петков во пракса не се покажа дека е различен од другите, можеби само во приодот и „“пиарот“ што се содаде кај нас. Економијата, туризмот, инфраструктурата никогаш не биле спорни, но тој никогаш не негираше дека историјата останува пречка во односите.

 

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.