На сите фотографии од протестите против Францускиот предлог доминираат знамиња со Сонцето од Вергина, забележува професорот Тони Дескоски.

Тоа е и ќе биде обилно злоупотребено од Бугарската дипломатија како доказ за нашата наводна неискреност спрема соседите. (За Грците веќе сите знаеме дека педантно ќе го документираат и употребат кога ќе им треба)
Би било добро организаторите на протестите да поведат сметка за отстранување на овие знамиња со ваквиот симбол.
Тој се наоѓаше на државното знаме само три години. Веќе 27 години не е државен симбол, а историски не е поврзан со ниту еден настан или процес кој довел до создавање на Македонската нација и држава (за која се изборија партизаните во НОВ). Македонскиот народ никогаш не го користел истиот.
Нема ниту една причина да вееме хеленски симболи од античко доба. Си имаме свои симболи под кои нашите дедовци лееле крв за Македонија. Си имаме и државно знаме со поинакво сонце, пишува тој.

Колегата Тони Дескоски во негов стил, ќе каже нешто (навидум) бомбастично и важно, во енигматски стил, а ќе ја избегне суштината – и ќе ги заклучи коментарите, вели професорката Билјана Ванковска, додавајќи го нејзиното размислување, бидејќи, како што вели таа –  гледам дека предизвикал интерес:

Прво, Дескоски колку што ми е познато нема јасно искажан став за бугарско-францускиот пакет/ултиматум! Чудно, нели?

Второ, се фокусира на кореографијата, а не на суштината! И со коси и со вили да излегуваме, таа е една! НЕ! Не е НЕ! Знамињата се само декор на протестот ама и симбол.

Трето, не знам зошто инсистира на грчкиот топоним: дали не чул за Кутлеш или сака да е политички коректен?

Се исплашил дека “тоа е и ќе биде обилно злоупотребено од Бугарската дипломатија како доказ за нашата наводна неискреност спрема соседите. (За Грците веќе сите знаеме дека педантно ќе го документираат и употребат кога ќе им треба).” Но, кога една дипломатија (бугарска се пишува со мало б) веќе те силува, зошто би се плашеле од некаков впечаток за “неискреност”? Аман веќе од стравови, свиткан рбет, нудење друг образ!!! Да умреш од смеа и од тага! Тој Тукидид како во гените да им е втиснат! Ние протестираме за опстанок, тој се плаши како ќе ни туреле уште еден минус. А друго, дури и Преспа не го забранува користењето на симболите од приватни и не државни субјекти. Јас фино си го купив, па си го нагрнав! Нема закон што може да ме казни за тоа. Плус тоа пееме за Македонија, никогаш Северна, само едно име имаме (толку е длабока болката и траумата од Преспа и Софија се толку поврзани)!

Советува Дескоски (неповикан, бидејќи е посматрач): “Би било добро организаторите на протестите да поведат сметка за отстранување на овие знамиња со ваквиот симбол.” Тони очигледно не знае што е сенароден , масовен митинг/протест/движење! Кој може да воведува ред меѓу десетици и десетици демонстранти! Ако дојде некој да ме попита, може да го зашљакам со знамето 😉

Замислете, тоа било државно знаме САМО три години. Тоа се трите КЛУЧНИ ГОДИНИ за формирањето на независна Македонија! Зарем сега орвеловски ќе ја менуваме историјата?!
Дескоски тврди дека македонскиот народ никогаш не го користел истиот (симбол). Ај да не одам во историјата, црквите и наоѓалиштата, туку ми е чудно што колегата се прави недоветен за да не го види растечкото значење на тоа знаме за етничките Македонци особено по 2001 и 2005, кога Албанците го озаконија знамето на Р. Албанија за свое, етничко. Во изминатиот 20-годишен период консоцијацијата (држава како заедница на заедници) создаде ситуација во која Македонците практично нужно мораа да се идентификуваат со свое етничко знаме како одговор на сите оние кои им удираат по идентитетските основи. Точно е дека јас сум растела под друго знаме подолго од Дескоски и тогаш не сме го имале Кутлеш, ама сега тоа има сосема друга димензија и значење.

На крајот, Дескоски ни порачува: Си имаме и државно знаме со поинакво сонце. Ова звучи надежно! Или ми се чини!? Колега, добредојден си со знсмето на твоите дедовци, па дури и без знаме. Само одважи се и излези меѓу својот народ. А можеш и некој збор да напишеш во која бездна не’ води прифаќањето на предлогот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.