Владејачката СДСМ побара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои го бојкотираат и блокираат Собранието да се откажат од платите, зашто, како што велат од СДСМ, „не смеат да бидат платени од граѓаните за својата неработа и деструктивно однесување“.

Тие итно треба да се откажат од сите привилегии, да ги донираат платите и да престанат да користат службени телефони, патувања и се што им следува, бидејќи тоа не го заслужуваат. 

Неодговорноста и партиската послушност кон лидерот Мицкоски ќе биде единствената работа по која ќе се памети овој пратенички состав на ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не смее и не треба да го плаќаат граѓаните од свој џеб. 

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ наместо да служат на оние од кои се бирани и платени, му служат само на лидерот од белата палата, велат од СДСМ.

Владејачката партија смета дека ВМРО-ДПМНЕ води антидржавна политика и е единствената партија која во време на криза се обидува да отежне, дополнитлено да го загорчи животот на сите граѓани и да блокира сѐ што е во интерес на надминување полесно на состојбите.

СДСМ остро ќе се спротистави на овие блокади и ќе најде начин како да ги донесе законите од интерес на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ќе остане изолирана во своите деструктивни политики.

По парламентарните избори во април 2014 година, СДСМ и коалициските партнери ја бојкотираа работата на Собранието цели 15 месеци со образложение дека за време на тогашните предвремени парламентарни избори имало и премногу нерегуларности. Опозициските пратеници поднесоа и писмени оставки, но Собранието никогаш формално не ја заврши процедурата со нивниот бојкот. Опозицијата тогаш освои 34 пратенички места, а три нивни пратенички (Солза Грчева, Љубица Буралиева од СДСМ и Роза Топузовска Каревска од ЛДП) не ја послушаа партиската директива за бојкот и решија да го почитуваат изборот на гласачите. Во меѓувреме тие беа исклучени од партијата за непочитување на партиските одлуки.

И покрај бојкотот, пратениците на опозицијата досега редовно добиваа плата која во просек, месечно изнесува 1.000 евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.