На собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска помина Предлогот на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој се бара пратениците на Собранието да се избираат со пропорционален модел без изборен праг и со Д’Онтов модел на распределба на мандати, при што државата би била една изборна единица.

Подносители на Предлог-законот се пратениците Павле Трајанов од ДС, Маја Морачанин од ДОМ, Моника Зајкова и Боби Мојсоски од ЛДП, Љупчо Балкоски од ВМРО-НП, Димитар Апасиев и Борислав Крмов од Левица, Панчо Минов од СДСМ и сега веќе поранешниот пратеник на ДОМ, Мирослав Богдановски.

Како што образложи Трајанов во име на поднесувачите на Предлог-законот, со предложените измени ќе им се овозможи на помалите политички партии „да го остварат своето право на претставување“, а секој пратеник да има иста тежина. Составот на Парламентот, вели тој, ќе биде реален одраз на определбите на граѓаните, помалите етнички заедници ќе бидат застапени во Парламентот преку директно вклучување во изборниот процес без да бидат вклучувани во коалиции со големите политички партии и ќе се демонтирана, како што наведе, „еднопартискиот начин на владеење“, според кој партијата која е на власт ги носи сите клучни одлуки во државата. Тој очекува по усвојување на потребата од носење на Законот да следи јавна дискусија со вклучување на сите партии, НВО, експерти, ЕУ и ОБСЕ, во која ќе преовладее силата на аргументите за потребата за промена на сегашниот концепт.

Заменик координаторката на ДУИ, Вјолца Адеми го пренесе партискиот став дека за ваков важен закон потребен е поширок консензус – меѓупартиски и меѓуетнички.

Изборниот модел ни дава слика на општеството и постојниот со шест изборни единици, ова најдобро го рефлектира. Ние ќе продолжиме со дискусии како ДУИ, но со аргументи. Не можеме да дозволиме да се направи мајоризација на една над друга политичка партија. Отворени сме за преговори, но треба да имаме поширока дебата со аргументи, вели пратеничката Адеми.

Координаторот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски истакна дека партијата принципиелно го поддржува Предлог-законот и треба да продолжи дискусијата по ова прашања за да се слушнат сите чинители во општеството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.