Државата треба да биде една изборна единица, како клучен предуслов за демократизација и промени кои ќе гарантираат коренити реформи, владеење на правото, борба против криминалот и просперитет, изјави денеска Павле Трајанов, претседател на Демократскиот сојуз и пратеник, во врска со измените на Изборниот законик.

Младите сакаат да живеат во држава со универзални вредности, институциите да функционираат, законите да важат за сите подеднакво, без привилегирани, без корупција и еднакви шанси за сите, како битни предуслови да не ја напуштат Македонија, смета Трајанов.

Тој потсетува дека Предлог-законот за измени на Изборниот законик со кои се предлага државата да биде една изборна единица, до Собранието беше доставен 5 март 2021 година и подолго време, како што вели, е блокиран од СДСМ и ДУИ.

Претседателот на ДС посочува дека во комисиската расправа пратениците на СДСМ и ДУИ биле против измените, но на пленарната седница одржана на 14 јуни 2023 година гласаа „за“. Законот, вели Трајанов, доби поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ.

Согласно заклучоците, за предлог-законот имаше јавна расправа, но забелешки не се доставени, поради што, според Деловникот за работа на Собранието, треба да почне втората фаза, предлагање на амандмани и гласање за усвојување на измените со кои државата ќе биде една изборна единица.

Очекуваме најитно да се одржи расправа во Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците, како и во Законодавно-правната комисија, со што ќе се создадат услови за расправа и одлучување на пленарна седница, истакнува Трајанов.

Предлагачи на законот се: Павле Трајанов, Димитар Апасиев, Боби Мојсовски, Љупчо Балковски, Панчо Минов, Моника Зајкова, Борислав Крмов, Маја Морачанин и други пратеници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.