Пратениците од владејачкото мнозинство обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ повеќе од осум месеци блокира Предлог-закон со кој треба да им се зголемат платите на наставниците и на 4700 да им се трансформира работниот однос од определено на неопределено време. Опозициските пратеници, пак, бараат Предлог-законот да се ревидира од новиот министер за образование затоа што наставниците ги става во нерамноправна положба.

По паузата која беше дадена поради несогласувања околу дневниот ред, на петтото продолжение на деветтата седница на собраниската Комисија за образование, наука и спорт, Дарко Каевски од СДСМ повика да продолжат да работат по дневниот ред.

Ако нема дискутанти, точката за Предлог за измени на Законот за наставници и стручни соработници, рече тој, да биде ставена на гласање зашто, како што нагласи,, сите го очекуваат овој закон долго време и никој не смее да си поигрува со судбината на луѓето кои очекуваат трансформација на работниот однос и раст на платите кои треба да се усогласат со минималната плата.

Вие го кочите носењето на законот со процедурални забелешки и тоа го правите веќе седум-осум месеци. Поминувањето во прво читање значи донесување потреба за измени на законот. Потреба за 4700 наставници да добијат решение на неопределено време, што им е нужна во овој момент. Ако сметате дека нема потреба за тоа, кога ќе се отвори расправата по првата точка од дневниот ред, излезете и кажете им чесно на граѓаните дека нема потреба. А не вака, излегувате и говорите сè и сешто. Ве замолувам да се одважиме, да се издигнеме над сè и да го поминеме првото читање. Граѓаните гледаат дека вие сте против трансформација и против зголемување на платите и ваша главна интенција е да го закочите за да правите немир во образованието, рече Каевски.

На пратениците од ВМРО-ДПМНЕ тој им порача и дека ако имаат забелешки на Предлог-законот, ќе имаат можност на амандманска расправа да го подобрат текстот со амандмани.

Процедурално му реплицираше Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ кој побара новиот министер за образование и неговиот заменик да го разгледаат повторно предлог-законот и, како што рече, да ги ревидираат позициите во законот.

Апелирам до министерот, заменик-министерот и до пратениците од мнозинството да го ревидираат овој закон, да ги слушнат нашите забелешки. Не може да дозволиме да помине закон во кој во воведот пишува „правна и економска сигурност преку засновување работен однос“, а понатаму – „овозможување кариерен и професионален развој и побрзо напредување во сужбата на ’овие’ наставници и стручни соработници“. Не смееме да ги разделуваме едните од другите наставници, не смееме да градиме систем на нееднаквост и нерамноправност. Апелирам до МОН и до пратениците од мнозинството хипотеките од минатото и лошите решенија кои ги имаше Мила Царовска во Министетството за образование и наука да не ги пренесуваме како хипотека на новиот министер. Да не тргнуваме така слепо во трка по политички поени затоа што од таквиот начин на работеење никој не добива. Со силната партизација во образованието, губиме ние, губат и идните генерации, рече Лефков.

Според него, предлогот на Каевски за интервенирање со амнадмани е несериозен, додавајќи дека „креатор на политиката во образованието е Министерството за образование и одговорноста ќе биде на министерот“.

А одговорноста е наша ако ние дозволуваме неквалитетни решенија заради партиски амбиции и за ловење политички поени. Овде споменувате плати на наставниците, а имавте можност вчера да ги решите со тоа што ќе беа вклучени ако беше прифатен амандман од опозицијата, додаде пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателката на собраниската Комисија за образование, наука и спорт Жаклина Лазаревска даде втора пауза. Првата пауза претпладнето беше дадена по почетокот на седницата зашто опозициските пратеници не се соглсуваа околу дневниот ред за кој Лазаревска тврдеше дека е усвоен уште во јуни.

Петтото продолжение на оваа комисисика седница беше закажано по подолго време. Од јуни на дневен ред се Предлог-законот за именување и дополнување на Законот за наставниците и стручните соработници во основните и средните училишта и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Бирото за развој на образованието, двата во прво читање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.