Бујар Османи го приватизира Министерството за надворешни работи, му одговори Мирјана Најчевска, сопругата на доскорешниот амбасадор во Прага, Сашко Тодоровски, на Османи по информацијата дека Тодоровски предвреме е вратен од Прага заради нерегуларности, меѓу кои и лажно претставување на неговата сопруга како културен аташе во амбасадата.

Мојот сопруг поднесе оставка. Лакејот на Али Ахмети кој се претставува како министер за надворешни работи започна хајка против мојот сопруг заради моите критички настапи како професор и експерт, и заради несогласувањето на мојот сопруг како амбасадор во Прага со начинот на функционирање на министерството кое Османи го приватизираше. Мојот сопруг не се согласи со барањето на Османи (кој самиот изјави дека одговара единствено пред Али Ахмети) да го известува него и само него на дневна основа и во лична комуникација надвор од каналите на министерството, со заобиколување на Владата и на Претседателот на државата за случувањата во државата во која е поставен за амбасадор“, напиша професорката Најчевска во објава на Фејсбук.

Според неа, Османи ги прекршил Уставот и законите што дипломат професионалец како нејзиниот сопруг не можел и не си дозволил да го толерира (за што пред неколку месеци достави претставка до Владата и до претседателот на државата).

Со оглед на тоа дека никој не реагираше на наводите во дописот во кој беа посочени отворени акти на дискриминација од страна на Османи, мобинг и основи за сомневање за направени кривични дела, мојот сопруг поднесе оставка. А на неписмениот лакеј на Али Ахмети кој се претставува како министер за надворешни работи некој треба да му каже дека сопругите и сопрузите на амбасадорите добиваат средства во висина од 10% од платата на амбасадорот не за да се шетаат и да се проводат туку за извршување на дипломатски задачи кои им ги доделува амбасадорот, вели Најчевска.

Османи на денешниот онлајн брифинг соопшти дека на македонскиот амбасадор во Прага Сашко Тодоровски му бил скратен мандатот и тој предвреме е вратен во Македонија. Според него, Тодоровски е вратен поради слабости и нерегуларности во работењето.

Имаше констатирани нерегуларности во неговата работа, нефункционалност, лажно претставување на сопругата како културен аташе, непочитување на инструкциите од МНР, и тоа е подолг процес. Постапката за неговото враќање трае повеќе месеци – рече Османи одговарајќи на новинарско прашање.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.