Ако со Заев Македонија го допре дното, сега со Ковачевски го проби, вели Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Вчера македонската јавност беше сведок на досега невиден меѓународен блам. Вчера видовме како Димитар Ковачевски го надмина Зоран Заев во секој поглед во погазувањето на достоинството и дигнитетот на државата преку срам на јавна меѓународна сцена. Не се само понижувачки зборовите со кои Македонија беше посрамена и навредена на меѓународна средба пред балканските лидери и германскиот канцелар, туку уште повеќе тоа што Ковачевски сето тоа го проследи со недоветно смеење и одобрување. Вчера кога го преставуваа како премиер на идна западна Бугарија, Ковачевски ако имаше грам достоинство ќе реагираше во одбрана на својата држава која ја претставува и за што зема плата од граѓаните, а не уште без врска да се смее и да се радува – рече Мисајловски.

Тој го праша Ковачевски, што има за смеење и радување?

Ако вака понизно и со измеќарски пристап реагирате на јавни омаловажувања и понижувања на Република Македонија, тогаш е јасно дека вие немате кредибилитет и авторитет во меѓународните односи да ги застапувате и штитите македонските национални и државни интереси. Оваа вчерашна сцена само ја соголи вистинската слика за целиот сјај на бедотијата со која се води нашата дипломатија.

Очигледно дека тие кои ја негираат и омаловажуваат и се мајтапат на сметка на Македонија се охрабрени затоа што спроти себе имаат политичари без кичма, со измеќарска ментална матрица кои немаат патриотско чувство, туку само болна амбиција и желба за власт.

Ова однесување на Ковачевски е срамно и бедно. За ваквото навредување на својата земја тој должи не само извинување туку оставка, како чин на одговорност за срамот кој се нанесе на меѓународна сцена. СДСМ е таа која должи извинување за ова поведение на Ковачевски, но тие решија тоа да го бранат – посочи Мисајловски.

Со тоа СДСМ решија да ја навредуваат интелигенцијата на своите граѓани. Ова кое што СДСМ се обидува да го направи е да го убедува народот дека тоа што некој го плука е всушност дожд.

Доволно се порази, понижувања и погазување на националното достоинство. Доволно се срам и неуспеси со оваа влада. Време е да се каже – премногу е! Време е за протест за промени. Народот на 18-ти јуни јасно и гласно ќе каже доста е за оваа власт на СДСМ и ДУИ, меѓудругото и заради овој срам кој го приреди Ковачевски. Време е за избори и нова достоинствена и просперитетна иднина за Македонија – порача Мисајловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.