Очигледно е дека СДСМ и ДУИ ќе се борат до крај во намерата да ги дораспродадат националните интереси, без разлика на тоа кој партиципира во владиниот состав на делегитимираната Влада. По шовинистичката изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков дека „за македонско малцинство во Бугарија дури не може ни да се зборува“, сведоци сме на апсолутно сервилно однесување и молк од сите државни институции кои имаат ингеренции во надворешната политика, реагираат од Левица.

Македонското МНР и неговата дипломатска служба, како државна институција чија основна надлежност се прашањата и проблемите со соседните држави, ова национално негирање и омаловажување го премолчеа.
Од Претседателот Стево Пендаровски, кој пред само неколку дена потврди средба со претставниците на Македонците од Бугарија (ОМО Илинден Пирин, партија која е забранета) и „де факто“ има заштитничка улога кон својот народ, засега нема никаква реакција.
За конечно, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, уште на денот кога ја презема функцијата, да изнесе скандалозен став дека македонските власти немаат став за македонското малцинство во Бугарија и дека тоа е внатрешно прашање на друга држава – додека во Македонија се ревидираат учебници и се менува историја токму по директно мешање на бугарските власти!
Ваквото оркестрирано однесување (преку дејствување или недејствување) на македонските институции, само дополнително ја потврдува вазалската политика на владата без интегритет и укажува на нејзината спремност да потпише уште едно велепредавство на македонскиот народ.
Водењето на нео-фашистичка дипломатија од бугарска страна никако не смее да се толерира. Новата владина гарнитура на Кирил Петков е продолжение на негаторските политики на Бугарија, заради кои постојат 16 пресуди од Европскиот суд за човекови права за кршење на човековите права на македонското малцинство во Бугарија.
Молкот од Европската унија и отсуството на притисок кон официјална Софија, при ваквите еклатантни негаторски политики, укажува на двојните аршини на европската бирократија. Додека европската дипломатија, со дозволени и недозволени средства во минатото изврши притисок врз Македонија за промена на Уставот (што доведе до бинационална држава) и промена на државното име, ЕУ не стави никакво условување за почитување на човековите права кога Бугарија стана држава-членка на ЕУ.
Левица бара:
– МНР итно да врачи протестна нота за изјавата на бугарскиот премиер;
– Претседателот на Републиката да побара извинување од својот бугарски колега за негирањето на македонската етничка заедница во Бугарија;
– Итен прекин на преговорите со Бугарија, заради немање на легитимитет, интегритет и капацитет за водење на преговори од страна на македонската Влада.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.