Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерката за животна средина Каја Шукова, директорот на ЈП за одржување регионални и магистрални патишта Костадин Ацевски и деканот на Градежен факултет, проф. д-р Горан Марковски, извршија увид на штетите предизвикани од силното невреме што го зафати Делчево.

При посетата на Општина Делчево се сретнаа со пратеничката Соња Михаилова и градоначалникот Горан Трајковски кој детално информираше околу настанатите штети и потенцираше дека потребна е силна поддршка од централната власт и поширока акција за овие штети да бидат санирани што е можно поскоро, а животот на граѓаните во Делчево и Делчевско да се врати во нормала.

Министерот Бочварски истакна дека Владата застанува целосно во поддршка на Општината.

Граѓаните да бидат уверени, заеднички ќе ги надминеме овие тешки моменти. Институциите се ангажирани, заедно со општината и градоначалникот Трајковски ги утврдуваме сите настанати штети, особено во делот на инфраструктурата. Најважно е неопходната инфраструктура да ја вратиме во една нормална состојба, екипи на ЈП за одржување магистрални и регионални патишта веќе работат на најоштетените пристапни патишта до градот и уверувам дека се што е наша моќ ќе сториме за да го вратиме нормалното живеење во општината. Владата застанува комплетно во поддршка на Општината на градоначалникот и сите штети кои се настанати ќе ги решиме и финансиски и технички – истакна Бочварски.

Општина Делчево в понеделник ќе испрати комплетен извештај за настанатите штети до Владата по што на наредната седница на Владата се очекува финансиска и техничка поддршка за санација на штетите.

Во меѓувреме, ЈП за одржување магистрални и регионални патишта работи на санација на пропустот на магистралниот пат А3, а најавено е и ставање во функција на алтернативни патишта за Делчево.(МИА)



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.