Претседателот на собраниската Комисија за надворешна политика Антонио Милошоски, по излагањето на шефот на дипломатијата Бујар Османи за текот на разговорите и односите меѓу Скопје и Софија, запраша зошто доколку има добра волја од Бугарија не се потпише договорот меѓу Македонија и Фронтекс.

Ако има добра волја и ова е за интерес и на Македонија и на Бугарија и на Европската Унија, тогаш зошто новата бугарска влада ако има навистина поинакви гледишта не прифати да го потпише Договорот помеѓу Македонија и Фронтекс, вели Милошоски.

Милошоски се осврна на делот на обраќањето на Османи, во врска со одлуката за почеток на преговори од март 2020 година.

Но, кога таа одлука беше донесена вие лично на прес конференција пред македонската јавност со Никола Димитров и Оливер Спасовски како тогашен технички премиер кажавте дека одлуката е безусловна, а гледаме дека сега има 5+1, 3+1, 2+1 имаме услови кои што задираат дотаму што одат до Уставот на Република Македонија кој што е темел на политичкиот суверенитет на една држава, рече Милошоски.

Тој вели дека тенка е линијата помеѓу разговори и преговори, посочувајќи дека приоритет на власта е да опстане на власт и може да влезат да разговараат за идентитетот и јазикот, прашувајќи зошто доколку има добра волја од страна на Бугарија не се прифати да се потпише договорот помеѓу Македонија и Фронтекс.

Османи зборуваше да изградиме заеднички позиции, зборуваше за зрелост, за почит и за меѓусебна доверба. Како ние да имаме доверба како пратеници кои ги избрал народот, пратениците ја избрале Владата а Владата не сака со нас да сподели еден нон-пејпер што во декември бил испратен во Софија. Како да ги изградиме тие позиции кога вие сте го напишале вашето мислење, стручно лице го дополнило тоа мислење, а вие не ни давате ниту право, ниту доверба како пратеници да дадеме сугестија за тој нон-пејпер кој сакаме да биде во согласност со декларацијата која ова собрание ја усвои, прашува Mилошоски.

Милошоски му се обрати на Османи велејќи оти прави преседан бидејќи потврдува дека има документ дека истиот е неформален, дека е работна верзија, а ја ускратува можноста пратениците во таа работна верзија да го дадат својот придонес.

Шефот на дипломатијата Османи, во делот на недоставување документи, реплицираше дека во момент кога ќе имаме која било формулација за која што ќе сметаме дека станува основа за договор, дека е прифатлива од двете страни пред да се каже нашиот став кон Република Бугарија ќе дојдеме тука и ќе доставиме документи.

Во моментот се само работни верзии на идеи коишто не можам да ги доставувам како официјални позиции на Владата до Собранието. Но, еве, тоа што можам да направам е кој било пратеник нека дојде во МНР и јас ќе им ги почитам пред нив сите формулации, меѓутоа не можам да доставам документи што се се уште само работни верзии, што се разменуваат. Меѓутоа, еве, отворена е вратата на МНР, можам во кое било време да ве информирам за сите детали, рече Османи.  

Османи, за тврдењето на Милошоски дека рекле оти одлуката од март 2020 година е безусловна, рече оти тоа е точно и дека едногласно од сите 27 членки се донесени заклучоците на Советот.

Немаше никакви условувања. Имаше одредена унилатерална нота или став на Бугарија, меѓутоа како додаток на записникот, но не во заклучоците. Во заклучоците на Советот немаше услови после усвојување на преговарачката рамка, посочи Османи.  

Реплицирајќи му на Милошоски за Фронтекс, Османи рече дека Фронтекс не се потпишува заради истата причина за која што не се усвојува преговарачката рамка.

Никогаш не сме кажале дека не се спори јазикот во преговарачката рамка. Сме кажале дека нашата позиција е дека за тие прашања не разговараме и мислам дека ова го кажуваме постојано од првиот ден откога зборуваме за ова прашање, истакна Османи. 

За поканата пратеници да дојдат во Кабинетот на министерот Османи за да им бидат прочитани нацрт-документите, Милошоски реплицираше дека уставниот систем во Македонија е министри да доаѓаат во Собранието, не пратеници да одат кај министрите.

Не го потценувам, но никој од нас не се чувствува, не е во таква состојба како Кастриот Реџепи да доаѓа кај вас и да разговара за Европа 21. Тоа е веќе фотосесија. Тоа не е сериозен разговор. Ако сакате кога било нешто да ни претставите повелете во Собранието, ќе организираме затворена седница и ако сакате вие да читате – читајте, ние ќе запишуваме. Но, ако имате доверба треба да ги споделите тие документи затоа што Договорот што го потпишавте ви дадовме пет укажувања. Сите пет укажувања беа добронамерни, не беа вметнати и сите работи коишто не беа вметнати денес произлегуваат како проблеми од тој договор и откако е потпишан договорот тензиите помеѓу Македонија и Бугарија се пораснати за трипати повеќе од она што го имавме како релативно нормални односи во претходниот период, истакна Милошоски.

Пратеникот Александар Николоски во обраќањето на собраниската комисија за Надворешна политика истакна македонската јавност добро знае дека претходните два премиери на Македонија и Бугарија имале договор кој бил комплетно еднонасочен и тоа само кон нас во однос на преземање обврски кои што Зоран Заев ги презел и требало да ги реализира во однос на Бугарија и единствена причина поради кои не ги исполнил бил народот кој излегол масовно на улиците на демонстрации во текон на месеците ноември и декември 2020 година. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.