Патријархатот е насекаде околу нас. Ние жените сè уште сме во секојдневна борба за еднаквост и права и не само во парламентите и владите туку и во школо, на факултет, на улица, па дури и онаму каде треба најбезбедно да се чувствуваме – дома. „Машкиот свет” и ден денес создава правилници за тоа што е најдобро за нас жените, вели во интервју за „Република“ актерката Наталија Теодосиева, која го толкува главниот лик во филмот „Мими“, чија македонска премиера е закажана за 7 јули, на отворањето на 21. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.
„Мими“ е втор долгометражен филм на режисерот Даријан Пејовски, кој го напиша и сценариото за филмот. Премиерата ќе се одржи на отворено, на кровот на ГТЦ, во рамки на „Синедејс“ кој оваа се одржува под мотото „Од високо подобро се гледа“.
По скопската премиера, „Мими“ ќе има светска премиера на Пулскиот филмски фестивал, чие 69. издание ќе се одржи од 16 до 24 јули.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Наталија Теодосиева и Тамара Ристоска, а во филмот уште играат и Оливер Митковски, Петар Мирчевски, Сашко Коцев, Владимир Петровиќ, Стефан Спасов. Продуцент е Томи Салковски, а копродуценти се Дамир Терешак и Марко Јакимовиќ.
Кинематограф е Дејан Димески, сценографијата е на Игор Тошевски, костимограф е Емилија И. Атанасовска, Ива Куробаса работи на шминка и фризура, Александар Пејовски е автор на оригиналната музика, монтажата е на Владимир Павловски и дизајнот на звукот на Игор Поповски.
Филмот е копродукција на Скопје Филм Студио со Maxima film од Хрватска и Giggling goat production од Црна Гора, и е направен со поддршка од Агенцијата за филм, ХАВЦ – Хрватскиот аудиовизуелен центар и Филмскиот центар на Црна Гора.
Теодосиева (31) е театарска и филмска актерка која јавноста ја запозна преку ликот на Родна, во филмот „Врба“ на Милчо Манчевски, а претходно играше и во „Втора шанса“, „Исцелител“, „Љубовникот“, „Преспав“…За улогата во театарската претстава „Мојот маж“ на Драмски театар таа доби награда за најдобра актерка на Фестивалот „Војдан Чернодрински“, а играше и во „Крал Иби“ и „Магбет“ во МНТ и Драмски. Од неодамна е вработена во театар Комедија.
Наталија, со Тамара Ристоска ги толкувате главните улоги во „Мими“, вториот долгометражен филм на Дарјан Пејовски, чија премиера е закажана за отворањето на Синедејс. Секогаш е радост кога македонски филм отвора филмски фестивал кај нас. Какви се вашите очекувања?
ТЕОДОСИЕВА: Многу трпеливо ја чекавме премиерата на овој филм и мислам дека сите сме и возбудени, но и смирени во одност на очекувањата, бидејќи уште на снимањето знаевме дека сме завршиле добра работа. Целата екипа, на чело со Тамара и Даријан многу умешно си ја завршија задачата. Верувам и очекувам дека „Мими” ќе биде успешен филм и позитивно прифатен од публиката.
Може ли да ни кажете нешто повеќе за улогата која ја толкувате во филмот?
ТЕОДОСИЕВА: Мими е девојка која несомнено бега од стегите и притисоците кои и се наметнуваат во нејзината околина. Тоа е пред сè така затоа што е жена од која се очекува да ги исполини должностите како таква, и покрај тоа што преживува тежок абортус поради кој има трајни последици, таа започува нов живот, се запишува на факултет во поголемиот град, се угледува на девојка која е растена во сосема поинакви околности и го променува својот изглед. Сакајќи да избега од тоа што била претходно, нејзините нерационални потези ќе ја направат негативец во сопственото креирање на нова и подобра верзија од себе. За мене портретирањето на ваков карактер беше радост и предизвик.
Во најавата за „Мими“ се вели дека фокусот во филмот е на два женски лика и дека „Мими“ претставува повик за освестување на одредени аспекти од личноста на секој еден од нас. Што кај вас смени Мими?
ТЕОДОСИЕВА: Па не мислам дека баш нешто особено промени, можеби повеќе ме наведе да ги разбирам намерите на оние во кои општеството покажува со прст, им се смее, ги навредува или ги суди и покрај тоа што не ги познава нивните моментални емотивни и психички состојби. Ние навистина не знаеме кои болки, борби и трауми ги носи во себе секоја индивидуа што нè разминува на улица, па дури, понекогаш и оној кој е блиску до нас или седи во соседната соба.
Дали „Мими“ е филм за површноста и лажните фасади што ги покажуваме пред другите?
ТЕОДОСИЕВА: Па да, меѓу другото и е филм за лажните фасади, за механизмите со кои се служиме за да придобиеме некого, маските кои ги ставаме за да се допаднеме некому и за лажните лица кои ги креираме за да не нè открие околината и блиските додека ги реализираме плановите кои не секогаш се добронамерни.
Колку и да не ги сакаме оние поделби на „машки“ и „женски“ филм или литература, како Вие би го оцениле „Мими“?
ТЕОДОСИЕВА: Со оглед на тоа дека сценаристот, а во овој случај и режисерот, раскажува приказна преку призма на женски лик, кој е во постојана врска со друг женски карактер, меѓудругото и проблемите со кои двете жени во филмот живеат и се борат, дефинитивно го прават женски филм, филм кој многу јасно зборува дека жената сè уште живее под крилото на патријархатот и мизогинијата.
Ја живееме третата деценија на 22. век, но дали уште владее машкиот свет и патријархат?
ТЕОДОСИЕВА: Да, владее, патријархатот е насекаде околу нас. Еве го најновото случување од светот, одземањето право на абортус во САД како што и вие кажавте во третата деценија на 21.век. Ние жените сè уште сме во секојдневна борба за еднаквост и права, и не само во парламентите и владите туку и во школо, на факултет, на улица, па дури и онаму каде треба најбезбедно да се чувствуваме – дома. „Машкиот свет” и ден денес создава правилници за тоа што е најдобро за нас жените.
Оваа година заедно со Марија Апчевска и Ханис Багашов бевте дел од програмата „Берлинаре таленти“. Какво искуство понесовте и што имаше ново да се научи?
ТЕОДОСИЕВА: Присуствувањето на ваков тип програми или работилници, каде интензивно се пренесуваат различни искуста и знаења од колеги речиси од целиот свет, можат да бидат прилика за понатамошни интернациоални соработки, но сепак она што е неминовно дека го добивам од таму е чувството на зрелост во однос на тоа каде и која сум јас како актерка, кои се моите граници и како можам да ги поминам. „Берлинале талентс“ дефинитивно ме научи дека никогаш нема да отстапам од моите идеали и желби, ми покажа колку е важна присутноста и ангажманот кој го даваш во процесот.
Досега сте соработувале со едни од најзначајните филмскии режисери, како Милчо Манчевски, Ѓорче Ставревски, Пејовски, Марија Џиџева, Игор Иванов Изи…Задоволни сте како се развива вашата кариера?
ТЕОДОСИЕВА: Работа на филм е малку повеќе среќа и по тоа би рекла дека сум имала к’смет да работам со овие режисери и се радувам поради тоа. Особено со тоa што дел од овие филмови се дебитантски, доживеале голем успех, па сум имала прилика да бидам дел и од нивиот почеток како што и тие ми дале повод за мој почеток. И одговорот на Вашето прашање е дека сум многу задоволна и би сакала постојано да е вака.
Кои се вашите следни проекти и планови?
ТЕОДИСИЕВА: Летово ќе биде посветено на „Мими”. После премиерата на „Синедејс“ следува премиера во Пула на филмскиот фестивал каде што заедно со Тамара Ристоска и Даријан Пејовски ќе имаме прилика неколку дена да бидеме таму и да го искористиме времето за фестивал до максимум. И се разбира никаде без театарот, па така, се надевам веќе при крајот на летото ќе почнеме со подготовки на мојата прва претстава како ново вработена во Театар Комедија.
разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.