„Планета на овците“ е новиот документарен филм во режија на германскиот документарист Марвин Енхолт, реализиран во копродукција меѓу германската продукциска куќа Berlin producers и македонската продукција Trice Films.

Филмот ја обработува најсензитивната тема на денешницата – зачувување на природата и негување на природните капацитети на планетарно ниво. Раскажан низ хумор и топлина, овој документарец ја истражува нераскинливата 11 000 годишна врска меѓу човекот и овцата, која според оваа документарна нарација, е животно кое воопшто не треба да биде потценето, нити да се користи за подбив.

Сниман низ различни краеви на светот, од Кина, преку Германија, Сардинија, Македонија, Етиопија, Шпанија и Шкотска, овој филм прави длабока анализа на битноста на постоењето на овцата и нејзината корелација со човекот, во секаква смисла: историска, социјална, економска, научно-истражувачка, митска, епска или архетипска. Би било ли човештвото таму кај што е денес, доколку не би биле овците?

Премиерата на документарниот филм „Планета на овците“ ќе се одржи во сабота, 9 јули, во 20.30ч, во Летно Кино – Кинотека во рамки на фестивалот на европски филм Cinedays. На премиерата ќе присуствуваат режисерот и поголем дел од екипата.

Копродукцијата е реализирана со поддршка на македонската Агенција за филм, а Trice Films е продукција зад која стојат наши значајни документарни филмови, кои имале сериозен импакт во светската документаристика, меѓу кои: „Медена земја“, „Avec L’Amour“, „Плати и жени“…

Со почит ѝ се обраќаме на македонската новинарска и медиумска фела и се надеваме дека дел од нив ќе ја проследат премиерата на филмот.

Влезниците за проекцијата се бесплатни, стои во соопштението од Атанас Георгиев, Trice Films, копродуцент на документарниот филм „Планета на овците“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.