Здружение на џез музичари го најавуваат новиот концерт „Чудо на Балканот“ на 8 декември во Филхармонија (20,30 часот) заедно со едно од најголемите музички имиња на Балканот, Рамбо Амадеус.

Концертот ќе биде уникатна можност да ги чуете легендарните песни на Рамбо Амадеус во аранжмани за биг бенд, велат од ЗЏМ.

Рамбо Амадеус е артист кој доаѓа од Црна Гора и делува како музичар и поет, гитарист, па и еко-активист. Неговите текстови и медиумски излагања се цитираат со години и децении откако се искажани. Неговите песни комбинираат уникатни сатирични текстови кои честопати ги критикуваат општествените појави кои нѐ засегаат сите, а неговите концерти речиси никогаш не значат дека ќе чуете едноставни повторувања на снимените песни.  Секое слушање е ново доживување и умешна импровизација која зборува за човековата природа.

Тема на првиот концерт на ЗЏМ беше музика од славните „Битлси“, а со оркестарот диригираше славниот Австриец Зиги Феигл. Потоа следеше настапот на манифестацијата под наслов „Today it’s all about jazz!“ (Денес сѐ е џез!), беа придружба и на Виенскиот бал, а проектот „Radioheadjazz“ привлече голема публика во Филхармонија во 2019 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.