Вечерва во големата сала на Филхармонија во 20,30 часот концерт ќе одржат хрватскиот музичар Дарко Рундек заедно со Биг Бендот на Здружение на џез музичари на кој ќе биде претставен албумот „За вашу послеподњевну разоноду“.

На албумот се наоѓаат 12 песни на Рундек кои се снимени со џез-оркестарот на Хрватската радио-телевизија. Аранжманите се на Мирон Хаусер, Лука Жужич и Мак Муртиќ. Покрај Рундек, во улога на пејачи се и Маја Ривиќ и Игор Павлица.

Албумот е објавен пред една година, а ова ќе биде прва концертна промоција надвор од Хрватска.

Рундек првпат ќе свири со Биг Бендот на ЗЏМ и кажа дека добил снимки од музичарите и не се сомнева дека ќе биде добро.

Сум чул дека салата на Филрамонија е одлична. Воопшто не се сомневам дека ќе биде добро – се прашувам како ќе биде. Песните не се баш врзани со некое време во кое се пишувани. Тоа се хитови кои публиката сака да ги чуе и нас нè интересираше како би звучеле во тие аранжмани, вели Рундек пред вечерашниот концерт.

Задоволство е ваквата соработка која се надоврзува на континуитетот на квалитетна приказна која ЗЏМ ја живее со години. Ние размислувавме за овој концертот веќе извесно време, со јубилејот на „Екотип“ само се забрза, вели Гоце Стевковски од ЗЏМ.

Концертот во Скопје е по повод 25-години на „Екотип“. Карти за концертот нема, и според организаторот, тие се распродале пред две недели.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.