Самостојната изложба на Мирослав Масин денеска ќе биде отворена во Галеријата „Ел Греко“.

Мирослав Масин уметничката кариера ја почнува повлијаен од експресионизмот на Петар Мазев, а под менторство на Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков. За нив, иако различни во пристапот, тој вели дека биле одлична комбинација и рамнотежа на ред, конзистентност, слобода и ерудитство. Уште од најраните уметнички инспирации се следат анималните тематики, а пред се птици, кои се провлекуваат низ целиот негов опус. Тие се мотив и за последната негова голема изложба во МАНУ, во 2019 година „Подобро на гранка, одошто заглавен во лифт“ пропратена со слоганот „Ќе летаат пердуви“, а се актуелни и во неговиот последен циклус цртежи, кој се изложува во галеријата „Ел Греко“.

Френетичниот и динамичен, но сигурен цртеж е постојано присутен во неговите дела како скелет, структура и база во неговите композиции. Вториот мошне значаен елемент во неговото творештво е и заситената, интензивна и експресивна боја која во овој циклус го нема приматот. Тука, таа е само монохроматски присутна, во еден тон, кој дава колористички акцент и симболична асоцијативност, информира Галеријата „Ел Греко“.

Најновиот циклус птици се одликува со едноставност, црно бел цртеж, репетитивен систем на пристап кон тематот, но различна „акцијата“ на линеарно обликуванaта птица. Трансформациите, асоцијациите и симболиката на ликовните елементи и концепцијата ја чинат композицијата во делата на Масин да биде динамична, концентрирана, надреална, експлозивна, забавна, потсмевлива, цинична.

Овојпат внимавајте, не летаат пердуви, „паѓаат јајца на око“!, се наведува во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.