Во Дом на АРМ, утре (5 октомври) со почеток во 20 часот ќе се отвори изложбата на Друштвото на ликовни уметници на Македонија насловена „Голем формат“.

Важноста на едно дело не ја сочинува единствено важноста на големината и на димензијата, но можноста за изразување во големи формати нуди различен уметнички пристап, уметникот ја бара свежината на идејата и секако внимателно треба да се посвети на реализацијата“, велат од ДЛУМ.

Оттаму додаваат дека во ова издание, селектирани се 25 уметници и нивниот различен пристап кон техниките сликарство, скулптура, цртеж, колаж, експериментални техники и графика.

На изложбата учествуваат Ана Ивановска, Ана Трајковска, Ангелца Стоиљковиќ, Ацо Таневски, Давор Ќешќец, Душан Георгиевски, Златко Глигоров, Зулејха Али, Ивона Велковска, Ирена Паскали, Јасмина Новковска, Љубица Мешкова Солак, Марија Светиева, Мирослава Трујкановиќ, Мице Јанкуловски, Нела Јанковска, Никола Пијанманов, Перо Кованцалиев, Слободан Живковски, Стефан Димовски, Стефан Младеновски, Стефан Хаџи Николов, Тања Таневска, Татјана Манева и Урош Вељковиќ, посочија од ДЛУМ.

Истовремено, оттаму додаваат дека наградата за најдобро дело во голем формат ќе му ја доделат на авторот Слободан Живковски за делото со наслов „Демократски тоталитаризам“.

Изложбата ќе ја отвори претседателката на ДЛУМ Јана Манева Чупоска и претседателот на Уметничкиот совет на ДЛУМ Дијана Томиќ Радевска. По отворањето на изложбата, од ДЛУМ најавуваат дека ќе следи коктел и забава со диџеј „Melani Digit“.

Изложбата „Голем формат“ ќе трае до 25 октомври.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.