На 22 март во 13 часот во Уметничката галерија Безистен во Штип ќе се отвори изложбата на Зимскиот салон на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ), на тема „Интимност и интерконекција“. Изложбата претходно беше отворена во Скопје, а поставката во Чифте амам траеше од 22 февруари до 10 март.

Учеството и интересот на уметниците членови на ДЛУМ за Зимскиот салон отсекогаш биле големи и предизвикувачки. Пристапот при селекцијата на делата од страна на кураторите оваа биенална изложба ја прави сè поатрактивна од ликовен аспект. Експериментирајќи со сите медиуми на изразување, Зимскиот салон е значаен токму поради тенденцијата, како на кураторите така и на уметниците учесници, да креираат современи и концептуални ликовни формати. Годинашната кураторка Oксана Карповец од Украина, која денес живее и работи во Париз, Република Франција, на македонските уметници членови на ДЛУМ им предложи многу актуелна и провокативна тема која во себе содржи повеќе нивоа на конципирање со многуслојни асоцијации. ,,Интимност и интерконекција ” е насловот на годинашниот кураторски проект во кој уметниците креираа и создадоа ликовни концепти со различни ликовни идентитети. – се наведува во текстот за каталогот на претседателката на ДЛУМ проф.д-р Јана Манева-Чупоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.