Министерството за образование и наука соопшти дека како сојузник на институциите кои вложуваат во младите го поздравува основањето на Агенцијата за примена на јазикот, во чии рамки се одржуваат обуки за преведувачи и лектори од македонски на албански и од албански на македонски јазик. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири на почетокот од оваа недела се сретна со директорот на Агенцијата, Илбер Села.

Во амфитеатарот на Универзитетот на Југоисточна Европа, се одржа завршна церемонија на доделување сертификати на втората генерација учесници што посетуваа обука за превод и за лектура од македонски на албански и од албански на македонски јазик. Гости на настанот беа членови на извршната власт, претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои шефот на Мисијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир, заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата на Сојузна Република Германија, Ото Граф, раководители на јавни институции, членови на академската заедница, претставници на граѓанскиот сектор и медиумите, информираат од МОН.

-Основањето на Агенцијата за нас беше добра вест за големо културно постигнување на Албанците и албанските политички сили кои дејствуваат овде и имаат дивергенции во други проблеми а во јазикот немаат дивергенции јазикот ги обединува припадниците на една нација, општеството и е средство за комуникација и е средство за национална гордост, истакна професор Емил Лафе.

Обуката опфати 72 учесника од 43 јавни институции што вршат работни задачи на превод и лектура на службените јазици. Наставниот дел од обуката го спроведуваа еминентни предавачи, универзитетски професори и лингвисти од нашата држава, од Република Албанија и од Република Косово кои конципираа соодветни предавања од одделни јазични области.

Воедно корисна алатка во спроведувањето на обуката беше и изготвениот Прирачник за обука чие печатење беше финансиски помогнато од страна на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Од Министерството за образование и наука информираат дека од годинава се воведуваат нови мотивирачки стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи, на студиски програми за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно (мајчин јазик) и преведување и толкување од албански на македонски јазик и обратно (немајчин јазик). Воведувањето на новите стипендии ќе се реализира во рамки на предвидените буџетски средства на Министерството за образование и наука.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.