Осумдесетина македонисти, слависти и балканисти од над 20 институции од земјата и од странство ќе учествуваат на 49. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), којашто утре и задутре ќе се одржи во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. Најголемиот дел од нив ќе ги изложат резултатите од своите истражувања на носечките теми на Конференцијата – творештвото на Васил Иљоски и творештвото на Горан Стефановски, по повод јубилеите – 120 години од раѓањето на Иљоски и 70 години од раѓањето на Стефановски, како и „Граматиката на македонскиот литературен јазик“ од Блаже Конески, по повод 70 години од нејзиното објавување. Впрочем, годинешното издание на традиционалната конференција на МСМЈЛК при УКИМ е и прв голем научен собир на којшто годинава акцент се става на творештвото на Иљоски и Стефановски, како и на граматиката од Конески, по повод значајните јубилеи.

„Поаѓајќи од речиси полувековната традиција на оваа конференција, во рамките на нашата мисија како Семинар, ние имаме и обврска да поттикнуваме на истражувања и научни потфати на македонските и странските истражувачи, коишто ќе фрлат нова светлина врз клучните остварувања за македонскиот јазик, литература и култура, притоа отворајќи нови теми и презентирајќи нови научни согледби и заклучоци. Драго ни е што годинава, следејќи ја традицијата одделно внимание да се посветува на остварувањата поврзани со значајни јубилеи, по долг период од речиси две децении, вниманието на книжевната наука повторно ќе го свртиме и кон опусот на Васил Иљоски. Со трудовите коишто ќе бидат презентирани ќе се случат нови исчитувања и вреднувања на творештвото на Иљоски, а за првпат ќе бидат презентирани и некои негови досега непознати остварувања. Но, исто толку е важно и што за првпат по заокружувањето на опусот на Горан Стефановски, на научна конференција ќе се случи ново научно осврнување на неговиот опус, при што покрај новите исчитувања на неговите драмски текстови и нивното вреднување како пресвртен чин во историјата на македонската драма ќе се говори за Стефановски и како културен деец и придвижник, имајќи ги предвид и неговите есеистички текстови, но и неговата мисла и ерудиција заведочена во неговиот јавен настап.“ – истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Овие јубилеи, меѓу другото, беа во фокусот и на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ којашто заврши вчера, но како што напоменува Мојсова-Чепишевска, преку Меѓународната научна конференција, МСМЈЛК при УКИМ ќе оствари влог и во испишувањето на новите страници на македонската книжевна историја.

„’Граматиката на македонскиот литературен јазик’ од Блаже Конески е дело-темелник, не само за нашата лингвистика, туку и за нашиот идентитет. Затоа, иако минатата година, по повод 100 години од неговото раѓање, Конференцијата во целост му беше посветена на Конески, важно е што и годинава му посветуваме одделно внимание, во рамките на лингвистичката секција. Конески е нулта точка на нашата култура и ние сме должни во рамките на научната актива да му посветуваме внимание не само поводно, туку суштински, темелито, со постојани навраќања… Затоа, драго ни е што преку оваа, 49. Меѓународна научна конференција, уште еднаш ќе се потврди дека е така, имајќи ги предвид новите научни трудови на колегите-лингвисти, коишто ќе бидат презентирани.“ – нагласува директорката на МСМЈЛК при УКИМ.

Инаку, на Конференцијата ќе бидат опфатени и традициналните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“, коишто како што нагласува Мојсова-Чепишевска, овозможуваат низ научна диоптрија да се коментираат спецификите и посебноста на македонскиот јазичен, литературен и севкупно културен идентитет.

Свеченото отворање на Конференцијата ќе се одржи утре, при што ќе биде промовиран и зборникот од минагодоишното издание на Конференција, во којшто на речиси 650 страници се објавени научни трудови од близу 50 научници и истражувачи – за делото на Блаже Конески и за македонскиот јазик, литература и култура. Впрочем, овој зборник е еден од најобемните посветени на Конески, објавени изминатиов период. Промотори на Зборникот ќе бидат минатогодишните координатори на секциите на Конференцијата, проф. д-р Станислава-Сташа Тофоска и проф. д-р Трајче Стамески.

На свеченото отворање ќе биде промовирана и книгата „Македонская литература XX-начала XXI века. Очерки истории“ од академик Ала Шешкен, којашто важи за еден од најдобрите странски познавачи на современата македонска книжевност. Оваа најнова книга на Шешкен е знчаен прилог за македонската книжевна историја. За неа, промотивна реч ќе одржи проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Претходно, книгата беше промовирана и на 55. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ.

По отворањето, на Конференцијата, паралелно ќе се одвива работата на лингвистичката секција и на секцијата за литература и култура. Во текот на првиот конференциски ден, акцент ќе биде ставен на темите поврзани со граматиката од Конески и опусот на Иљоски и Стефановски, како и на теми поврзани со јазикот во драмските текстови, со коишто ќе се оствари и лингвистички влог во вреднувањето на достинствата на македонската драма. Во текот на вториот конференциски ден, вниманието ќе биде насочено кон традиционалните теми „Македонскиот јазик наспроти другите јазици“ и „Македонската литература и култура наспрема другите литератури и култури“. Клучно, на Конференцијата се очекува и плодотворна дискусија којашто ќе мотивира и на натамошни научни потфати.

Кооординаторки на лингвистичката секција на Конференцијата се проф. д-р Елена Јованова-Грујовска и проф. д-р Лидија Тантуровска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, а на секцијата за литература и култура, координаторка е проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева од Институтот за македонска литература.

Од Конференцијата ќе биде објавен и зборник, којшто се очекува да биде една од најзначајните научни публикации за делото на културните дејци коишто се во фокусот на ова конференциско издание.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.