Во новата година влеговме истоштени и истрошени. Во годината што останува зад нас основните прехранбени производи станаа луксуз, неделниот ручек се почесто е посен, а неделата неработен ден – совршен за перење, пеглање, готвење, чистење. Владата ни советуваше да готвиме во помали тенџериња, да се тушираме наместо да се капеме и да ги гасиме компјутерите. Штедевме, денот го заменивме за ноќ, а благата зима ни даваше надеж дека можеби и ќе се преживее.

И како да не е доволно што ветувањата на Владата на терен изгледаат како ветер и магла, и што зимата допрва доаѓа, вистинска новогодишна честитка ќе ја почувстуваме на гола кожа со јануарската сметка за струја.

Поскапува струјата. Во реалноста, а не во политичките говори на функционерите. Регулаторна, која ги пресметува цените на струјата без да вклучи ДДВ, всушност ги намали цените за првиот и за вториот блок за домаќинства, меѓутоа од 1 јануари почнува да важи мерката за враќање на ДДВ-то од 5 на 10 проценти.

Кај 99,2 отсто од домаќинствата ќе се намали трошокот за електрична енергија не вклучувајќи го зголемувањето на ДДВ-то. Најбитно е што за 70.000 мали и микро компании значително се намалува цената на струјата, вели во една изјава претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.

Но, дали е така?

Во оваа табела се претставени целите на струјата за киловат-час по блокови. Блоковите важат за скапата струја. Притоа, ДДВ-то е покачено од 5 на 10 отсто. Земете една сметка за струја помножете ја вашата потрошувачка со новата цена и додадете 10% и лесно можете да пресметате колку „ќе ви поевтини струјата“ од 1 јануари.

Во оваа табела, пак, е претставена цената на евтината струја, која поскапува повеќе од двојно.

Со прости зборови, граѓаните кои переле, пеглале и готвеле на евтина струја во недела или по 22 часот, сега ќе плаќаат двојно повеќе ако продолжат да штедат на истиот начин.

Но, Бислимоски не е едиснтвен кој ја убедуваше јавноста дека струјата од 1 јанари ќе поевтини.

И министерот Крешник Бектеши тврдеше дека граѓаните можат да бидат спокојни бидејќи владата се грижи енергетската криза да не им се удри од грбот.

Од Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ излегуваат со друга математика. Од сите параметри кои ја формаираат цената на струјата единствено поевтинува преносот на струја. Во евтината тарифа струјата за домаќинствата поскапува за повеќе од двојно, така што нема математика која ќе го оправда тврдењето на власта.

Имено, на слика 1 и 2 се дадени официјалните вредности за цените на електричната енергија за домаќинствата од одлуката на РКЕ која е на сила од 1.7.2022 година, споредено со новите цени кои треба да важат од 1.1.2023 година.
Од слика 1, за категорија на потрошувачи домаќинства јасно се гледа дека има зголемување на цените на електричната енергија во сите четири блока од скапата струја. Тоа значи дека во кој блок и да сте, секако од 1.1.2023 имате зголемена цена на струјата во висока тарифа.
Посебно е страшно што СДСМ го премолчува најважното, а тоа е дека цената на струјата во т.н. ефтина тарифа расте повеќе од дупло. Ова е дадено на Слика 2, каде јасно се гледа дека цената на електричната енергија во ниската тарифа се зголемува од 0,6193 Ден/kWh на 1,3181 Ден/kWh. За жал, тоа е најсиромашната категорија на граѓани, кои најмногу штедат, па чекат да дојде 22 часот навечер или недела цел ден, за да користат ефтина струја. Истите тие сега за струјата во ефтина тарифа од 1ви јануари ќе плаќаат дупло повисока цена.
Згора на сẻ, ако на ова се додаде зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 %, тогаш навистина не се јасни изјавите на ПР тимот од кујната на СДС за намалување на цените на струјата за домаќинствата.
Затоа прашуваме: КАКО СДСМ го пресмета намалувањето на цените кога од сите елементи со кои се формира цената единствено ќе се намали тарифата за пренос и дистрибуција, додека сите други елементи ќе се зголемат, вклучувајќи го и ДДВ, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Граѓаните се уверија дека Владата нема да дозволи ценовен шок за населението и за малите потрошувачи на електрична енергија, што се потврди со цените на струјата што денеска ги соопшти Регулаторната комисија за енергетика”, изјави претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, во интервју за Македонска радио телевизија.

Претседателот на Владата посочи дека од 1 јануари, цената на електрична енергија кај домаќинствата за првиот и вториот блок се намалува, а само ќе се зголеми цената на третиот и четвртиот блок.

Во четвриот блок има зголемување на цената, но таму се граѓани и семејства кои трошат поголеми количини на енергија, кои загреваат поголеми површини, дел од нив загреваат и базени во текот на зимскиот период. Тие можат да си дозволат да имаат таква потрошувачка”, рече премиерот Ковачевски.

Одговор простигна од претседателот на ВМРО-ДПМН, Христијан Мицкоски.

Евтината тарифа од 0,6 денари се зголемува на 1,3 денари, повеќе од двапати тоа го заборавија да го кажат. И сега кога ќе си пресмета секој еден граѓанин колку киловат часови троши во евтина, а колку во еден од блоковите ќе видите дека сметката со додадените плус 5% данок на додадена вредност ќе биде најмалку 20% поголема. Но, тоа од први јануари ќе го видат сите граѓани и ќе го доживеат. Тоа заборавија да го кажат, тоа никаде го нема, ниту во соопштението на Регулаторната дека ниската тарифа од 0,6 денари ќе стане 1,3 денари. наеднаш се зголеми за 200 отсто. Тоа никаде го нема, тоа никој не го кажува – истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.