Една одговорна влада немаше да дозволи да стигнеме во оваа ситуација доколку знаеше да планира и доколку знаеше што предизвикуваат одлуките кои што ги носи. Ситуацијата во државата им наметна на просветните работници да протестираат и мислам дека ова е почеток, а потоа ќе почнат и сите останати, пред се трошоците на живот растат и како резултат на тоа платите не можат да бидат доволни да ги покријат тие основни трошоци на живот, вели потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Димитриеска Кочоска на денешната трибина во организација на ВМРО-ДПМНЕ во Штип насловена „Промените се случуваат, секогаш со народот“.

Димитриеска Кочоска пред присутните рече дека и пред почетокот на инфлацијата платите на просветните работници се несоодветни  во однос на тоа што тие го работат.

И пред да почне инфлацијата сметам дека просветните работници навистина добиваа плати кои што не се соодветни на тоа што тие го даваат. Ако ние имаме просветни работници кои што не се мотивирани и се незадоволни ќе имаме катастрофално образование, кажа таа.

Во однос на усогласување на бодовите со минималната плата, Димитриеска Кочоска потенцираше дека платите на наставниците ќе бидат најмалку за 80 проценти поголема во однос на оваа влада која што ја земаат сега.

Согласно информациите кои што јас ги имам по бодовите со корекцијата на минималната плата, платите треба да ви бидат најмалку за 80 проценти повеќе за тоа што се во моментот. За жал сето лошо почна да се случува некаде почнувајќи од август 2020 година кога започна првото покачување на цената на електричната енергија, потоа тоа почна да се пресликува кај стопанството некаде од јануари 2021 година почна да се чувствува инфлацијата. Пак можеби тогаш толку не го почувствувавте колку што статистиките тоа го покажуваа, за да дојдеме до ситуација на комплетен колапс во државата, изјави Димитриеска Кочоска.

Димитриеска Кочоска нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ го поддржува штрајкот на просветните работници посочувајќи дека верува дека ќе бидат истрајни во своите намери и ќе ги добијат своите барања.

Како политичка партија ве подржуваме во штрајкот и искрено се надевам дека ќе издржите во вашите барања. Не случајно го зборам ова бидејќи почнувајќи некаде од јули веројатноста дека повторно ќе имаме покачување на електричната енергија е голема, од друга страна состојбата со Русија и Украина ќе предизвика проблеми во делот на прехранбените производи, објасни таа.

Според  Димитриеска Кочоска ситуацијата се повеќе ќе се влошува бидејќи кога ќе почне се помалку да се увезува цените се повеќе ќе одат нагоре, а граѓаните нема да можат да врзат крај со крај.

Кога ќе почне се помалку да се увезува цените се повеќе ќе одат нагоре и ќе станува страшно, така што целата оваа ситуација околу платите и не само вие, туку утре ќе се придружат и административците и останатите и нема да можете да врзете крај со крај, заклучи Димитриеска Кочоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.