Доколку Република Бугарија ја прифати нашата понуда за откуп на електрична енергија по фиксна цена од 200 евра за мегават/час, колку што може да поднесе нашето стопанство, можеме да постигнеме договор, но доколку тие инсистираат да плаќаме по цената која е на берза, нема да се согласиме и ќе продолжиме со нашите домашни капацитети, рече министерот за економија Крешник Бектеши, во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

Бектеши вели дека денеска разговарале со претставници од бугарска страна, а во разговорите биле вклучени и претставници од Европската комисија и Европската енергетска заедница. Според министерот, Македонија има дозвола од Европската комисија за билатерални преговори со земји членки на Унијата, а проблемот, според Бектеши, е тоа што во Бугарија е донесена легислатива која предвидува сета произведена електрична енергија во земјата да мора да оди на берза, што, како што вели, може лесно да се смени со одлука од Владата или со подзаконски акти.

„Јас нема да прифатам да плаќаме базна енергија за наредните седум месеци по цена која е моментално на берзите. Тоа е ставот на Владата, преговараме со бугарската страна за фиксна цена која ќе биде до крајот на април. И не фиксна цена само во пикови, туку фиксна цена за 24 часа. Што значи тоа – ако цената е 200 евра, тие во ноќните часови ќе добијат 200 евра за мегават/час, а има денови кога во ноќните часови електричната енергија не е повеќе од 100 евра, а во пикови во текот на денот може цената да стигне 400 или 500 евра, но тие пак ќе добиваат 200 евра. Ова е нашата понуда, ако е прифатлива за Бугарија ние сме согласни. Ако не, продолжуваме со нашите домашни капацитети“, изјави Бектеши.

Тој потсети дека со претседателот Стево Пендаровски утре во Софија ќе одржат состанок со претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен, и со претставници на Бугарија, на кој ќе биде презентирана оваа „последна понуда од македонска страна“.

„Ако не може ова да се реализира, нема да имаме договор со Бугарија, бидејќи јас и Владата за берзански цени од само една држава не можаме да донесеме одлука. Ние сме отворена економија, соработуваме и со Грција и со Србија и со другите држави и ако се работи за цена која е на берзите, ние таа количина можеме од секаде да ја добиеме, не само од една држава“, вели Бектеши.

Министерот рече дека „нашето барање е во духот на доброседството“ и дека како соседи треба да се помагаме.

„Ако зборуваме за помагање и солидарност, ние ќе се откажеме од некои работи и бугарската страна треба да се откаже“,кажа Бектеши.

Кога станува збор за цената на производство на електрична енергија, министерот Бектеши кажа дека во Бугарија таа е под 100 евра за мегават час, а во нуклеарниот реактор во Козлодуј е и под 50 евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.