Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека е повеќе од сериозен во намерата против нереално високите цени на одредени прехранбени производи да се бори и со укинување на увозните давачки.

„Јас сум повеќе од сериозен и таква одлука за одредени прехранбени производи веќе донесовме, за млеко и павлака, и сигурно може да се случи списокот на производи да се зголеми и што се однесува на укинување на даноците, но истовремено што се однесува на маржите или целосно замрзнување на некои од цените и со тоа компаниите да конкурираат меѓу нив, но и со производи кои доаѓаат од надвор“, рече Бектеши во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат.

На новинарската констатација дека тој, всушност, прстот го вперува кон домашни производители на храна, министерот одговориу дека е свесен дека ова е спротивно на заштитата на домашното производство, но смета дека сега главниот интерес е оној на граѓаните.

„Ако продолжи овој тренд, особено за домашните производи кои се произведуваат во Македонија, тогаш сигурно ќе донесеме одлука која ќе ги укине сите давачки кои се за увезените производи и тоа нема да се совпаѓа со заштитата на домашните производи, туку моментално главниот интерес е само заштитата на потрошувачите и граѓаните на Македонија“, вели тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.