Воената акција на Русија во Украина, евроинтеграциите на Србија, регионални прашања со акцент на БиХ и дијалогот со Косово беа во фокусот на денешните разговори во Белград меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок.

Европа повторно е во војна, а тоа се однесува на сите нас во Европа. Ниту Србија, ниту Германија не одлучија така. Тоа Путин го одлучи кога почна кампања без преседан. Во Украина се бомбардираат болници, има глад, луѓето се во бегство и бегаат во соседните земји – изјави Бербок на прес-конференцијата.

Таа додаде дека кога станува збор за војната во Украина, мора да има јасни ставови во целата меѓународна заедница и процесот на пристапување во ЕУ мора да вклучува подготвеност да се застане зад мислењето на ЕУ.

Кој ги дели европските вредности не може да стои настрана. Во овој момент мора да имаме јасни позиции не само внатре во Европа, туку и целата меѓународна заедница. Дел од пристапувањето во ЕУ е подготвеноста да се усогласат позициите со заедничките позиции на ЕУ. Во Генералното собрание на ОН, земјите јасно ја осудија руската агресија и одлуката на Србија да се приклучи се цени во Германија. Целта на оваа осуда беше претседателот на Русија, Владимир Путин и неговите милитантни помошници. Затоа е важно да имате јасен став, а не да ја вртите главата. Сега треба да следат дела, луѓето на Балканот знаат што значи војна и колку е скапоцен мирот – изјави Бербок.

Таа додаде дека сите мора да се спротивстават на идејата дека границите може да се менуваат со сила и мора активно да се работи на мирната иднина на Балканот.

Бербок порача дека Германија во иднина ќе биде поприсутна на Западен Балкан.

Ние се залагаме по изборите да се најдат владите на Србија и Косово и да најдат решение. Ние сме против загрозување на територијалниот интегритет на БиХ и видовме колку е важно тоа да се зачува – изјави Бербок, додавајќи дека брзината за влез на Србија и на другите земји во ЕУ зависи од нивните постапки, а не од нечија одлука.

Српскиот претседател Александар Вучиќ одговорајќи на новинарско прашање дали е подготвен да се дистанцира од Владимир Путин, што позитивно ќе се одразело на преговорите на Србија со ЕУ, кажа дека „од почеток на нападот на Украина немал личен контакт со руските официјални лица така да нема од што да се огради, бидејќи позицијата на Србија кон Украина е јасна“.

Вучиќ праша што згрешила Србија и каква врска има таа со конфликтот во Украина.

Не зборуваме за личности и каде има или нема љубов и омраза, туку за почитување на меѓународното јавно право и нормите. Исто како што Украина ги почитуваше по прашањето на Србија и територијалниот интегритет на Србија, така и ние го почитуваме територијалниот интегритет на Украина и никогаш не се изјаснивме против тоа. И во Генералното собрание на ОН, ние поддржавме дека нападите и заканите за територијалниот интегритет на Украина се неприфатливи, не затоа што сакаме некого или не, туку затоа што тоа се норми на меѓународното јавно право – кажа Вучиќ.

На прашањето дали е на страната на Путин или на санкциите, Вучиќ рече дека „би можел да зборува за тоа, кој и какви санкции воведува по потреба, но дека разговарал за тоа со Бербок и и благодари што сакала да ги слушне ставовите на Србија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.