На ситуацијата во Израел и Појасот Газа се осврна грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на почетокот на денешната владина седница истакнувајќи ја важноста да се избегне ескалација и проширување на конфилктот, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис изрази „болка и згрозеност за нападот на болницата во Газа“ , но и „потреба да се истражи што точно се случило“, а паралелно ја повтори грчката позиција што ја истакнал и на вчерашниот вонреден Европски совет дека Грција го признава правото на Израел на самоодбрана, „но секогаш со почитување на меѓународното право и со главна грижа заштитата на цивилното население во Газа и обезбедувањето хуманитарна помош“.

Императив е, а Грција како земја од источниот Медитеран тоа го знае подобро од кој било друг, да не се прошири конфликтот и да се избегне било каква понатамошна ескалација што ја загрозува регионалната безбедност и стабилност. Исто така, императив е, во овие околности, да ја зајакнеме внатрешната безбедност на Европската Унија. Очигледно Грција, како надворешна граница на нашето европско семејство, има дополнителна обврска да инсистира на строгата, но правична политика на чување на нашите надворешни граници, нешто што ќе го правиме без компромиси и без отстапки – истакна Мицотакис.

Дополнително, се осврна и на неговото планирано патување во Израел кое беше откажано, велејќи дека ќе отпатува во регионот „што е можно поскоро, кога тоа ќе дозволат безбедносните услови“, но и дека Грција „има глас“ на Блискиот Исток



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.