Две седмици по победата на ВМРО-ДПМНЕ на двојните избори и десет дена по инаугурацијата на Гордана Сиљановска Давкова, медиумите во Грција секојдневно следат сè што се случува кај нас, а е поврзано со Грција, но ги пренесуваат и пораките од домашните политичари изразени во интервјуа и говори, кои во изминатиот период ги има во изобилство со оглед на тоа дека земјата е во предизборен период во пресрет на евроизборите на 9 јуни, јави дописникот на МИА од Атина.

„Продолжуваат провокациите од Македонија“ е најчестиот коментар во медиумите во изминатиот период.

Последното што го пренесуваат медиумите е средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со амбасадорот на Австрија, но не поради суштината на средбата и темите за кои разговарале, туку поради тоа што на објавата на Фејсбук е употребено името Македонија.

– Лидерот на екстремно десничарската ВМРО-ДПМНЕ и мандатарот за премиер на Македонија се чини дека е подготвен да продолжи со провокациите. Инсистирајќи дека има право да ја нарекува својата земја како што сака, Христијан Мицкоски продолжува со провокациите, инсистирајќи на официјална средба со странски функционер да се нарекува „Македонија“, пишува информативниот портал „Ин“.

-По провокациите на новата претседателка на Македонија, и мандатарот за премиер Христијан Мицкоски инсистира на името „Македонија“, со што уште еднаш го прекршува Договорот од Преспа, пишува информативниот портал „Ајефимерида“.

Дополнително, медиумите го пренесуваат и интервјуто на Мицкоски за „Ора24“, поконкретно делот каде што го користи името Македонија.

Во изминатите денови во Грција актуелен беше и новиот сајт на претседателката, со оглед на тоа што, како што пишуваат медиумите, изземено е уставното име.

Државната телевизија „ЕРТ“ во текстот објавен во вторникот вечерта пишува дека „официјалната веб-страница на претседателката Гордана Сиљановска не го содржи името Република Македонија“.

-Уставното име на земјата, „Република Македонија“ се појавува во описот на земјата во категоријата „МК“, каде што се наведени географски, демографски и други податоци. Во категоријата „Претседател“ се споменува едноставно „Претседател“ без да се наведе земјата на потекло. Дополнително, во информациите за нејзините средби со амбасадори на странски држави, се споменува само дека претседателката Сиљановска-Давкова имаше средби, објави „ЕРТ“.

Телевизијата „Мега“ во денешниот прилог коментира дека претседателката „играјќи со името на земјата на обновената интернет станица избегнува да го користи името Македонија“.

-На сајтот не постои името на земјата, а до името на госпоѓата Сиљановска постои само титулата претседателка, објави ТВ „Мега“,

За, како што коментира, „игрите на претседателката на Македонија“ пишува и „Си-ен-ен Грција“, но не само за официјалниот сајт, туку и за профилот на Сиљановска Давкова на платформата Икс, каде што според грчкиот информативен портал се „претставува како претседателка на Македонија“.

Дополнително, медиумите во Грција ги пренесуваат позициите и на грчката Влада, но и реакциите од опозициските партии, а акцентот го ставаат на пораката од Атина до Скопје дека за европската перспектива предуслов е почитување на Договорот од Преспа.

Грција е нешто повеќе од две седмици пред европските избори, а лидерите на партиите одржуваат митинзи, средби со граѓани и даваат интервјуа за медиумите, а освен на актуелните внатрешно теми, се осврнуваат и на македонско-грчките односи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.