Во рамки на априлската филмска програма на Кинотеката ќе се одржи циклус филмови ВИШЕГРАДСКА ГРУПА В4 ФИЛМСКИ ВЕЧЕРИ, посветена на кинематографиите на Република Чешка, Република Полска, Република Словачка, и Република Унгарија кои се дел од Вишеградската група.

Циклусот ќе започне на 5 април во 20 часот со проекцијата на комедијата ПРАЗНИ ШИШИЊА, во режија на Зденек Сверак, по што ќе следи проекцијата на филмот СТУДЕНА ВОЈНА на Павел Павликовски на 6 април. Веќе следната недела ќе бидат прикажани и филмовите ИНВАЛИД на словачкиот режисер Јонас Карасек на 12 април и ПЛОШТАД МОСКВА на унгарскиот режисер Ференц Торок на 13 април.

Сите проекции се бесплатни за сите посетители.

12 АПРИЛ (ПЕТОК) 20:00ч

ИНВАЛИД

(Invalid)

Игран филм, Словачка

2023, 112 мин, ДЦП

Режија: Јонас Карасек (Jonas Karasek)

Сценарио: Томаш Душичка (Tomáš Dušička)

Улоги: Грегор Холоска, Зденек Годла, Хелена Крајциова (Gregor Holoska, Zdenek Godla, Helena Krajciová)

 

Лако е некогашен работник на одржување во локален музеј во еден мал анонимен град во Словачка. Неговиот незгоден карактер го доведува во тешка ситуација. Тој останува инвалид по една средба со група безмилосни измамници. Врзан за инвалидска количка и со неговиот живот во спирала, сфаќа дека правдата изгледа неостварлива, па одлучува да ги преземе работите во свои раце, тргнувајќи во одмаздничка мисија. Во тоа му помага неговиот нов пријател Габо, локален Ром, кој му овозможува на Лако да ги види работите од нова перспектива.

Приказната на филмот се одвива во времето пред влезот на Словачка во Европската унија и се соочува со сè уште актуелните теми на расизам, депресија, семејно насилство и нефункционален систем преку навидум едноставна приказна за работник за одржување во потрага по правда кој одлучува да ги преземе работите во свои раце, тргнувајќи во одмаздничка мисија и откривајќи врски на пријателство на најнеочекуваните места.

13 АПРИЛ (САБОТА) 20:00ч

ПЛОШТАД МОСКВА

(Moszkva tér)

Игран филм, Унгарија

2001, 89 мин, ДЦП

Режија:   (Ferenc Török)

Сценарио: Ференц Торок (Ferenc Török)

Улоги: Габор Караљош, Естер Бала, Ерзи Папаи (Gábor Karalyos, Eszter Balla, Erzsi Pápai)

Директор на фотографија: Даниел Гараш (Dániel Garas)

 

1989 година е една од најбитните години за земјите во Источна Европа. Во тогашна Унгарија, неколку адолесценти воопшто не се интересираат за клучните промени во нивната средина. Напротив, продолжуваат понатаму со секојдневниот живот, запознавајќи девојки, дружејќи се на забави, излегувајќи речиси секоја вечер, препишувајќи на матурските испити. Секојдневието навидум продолжува, но ништо повеќе нема да биде како што било.

ПЛОШТАДОТ МОСКВА е првиот долгометражен проект на унгарскиот филмаџија Ференц Торок, еден од попознатите средноевропски филмски дејци. На почетокот на двеилјадитите токму ова остварување се закити со националната награда за дебитантски филм на Унгарскиот филмски фестивал. Торок е активен член и на Европската филмска академија.

Директор на фотографија на ова остварување е унгарскиот фотограф и снимател Даниел Гараш, инаку редовен соработник на режисерот Торок. Во неговата филмографија се запишани и повеќе кратки филмови, музички видеа и промотивни клипови за познати светски фирми и брендови.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.