Легендата на Холивуд, актерката Ракел Велч, почина на 82-годишна возраст, потврди нејзиното семејство за американските медиуми. Нејзиниот менаџер кажа дека починала по кратко боледување.

Ракел во 60-тите и 70-тите години беше глобален секс-симбол, позната по своето неверојатно, извајано тело. Актерката не се двоумеше да ги покаже своите атрибути, па остана запаметена по бројните провокативни филмски сцени.

Двапати беше номинирана за „Златен глобус“, а ја доби наградата за најдобра улога во мјузикл/комедија за нејзината изведба во „Тројцата мускетари“ во 1975 година.

Од списанието „Емпајр“ во 1995 година беше прогласена за една од 100-те најсекси ѕвезди во филмската историја. „Плејбој“, пак, ја рангираше на третото место на нивната листа од 100 најсекси ѕвезди на 20. век.

Меѓу последните улоги кои ги имаше, беа во серијата „Дејт мај дед“, како и во филмот „Како да се биде латински љубовник“, снимени во 2017 година.

Во приватниот живот, пак, Велч имаше четири брака. Првиот со нејзиното момче од средно училиште, со кого се омажи во 1959 година и со кого доби две деца. Двојката се разведе во 1964, а потоа актерката имаше уште три брака.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.