Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија Марија Захарова денеска ги спореди украинските напади со дронови врз Москва со терористичките напади на Њујорк во 2001 година.

Терористичките методи што ги користеше киевскиот режим во нападите на Москва Сити може да се споредат со терористичките напади на Њујорк на 11 септември 2001 година, изјави Захарова за ТВ Русија-1, пренесува ТАСС.

Таа оцени дека методологијата на тие напади е иста и објасни дека комплексот Москва Сити е цивилен објект, каде што се наоѓа не само деловен центар, туку и голем број станови, како и административни цивилни згради, кои немаат никаква врска со војската.

Претходно Министерството за одбрана на Русија соопшти дека силите за противвоздушна одбрана уништиле две беспилотни летала кои Украина ги користела синоќа за напад на Москва, а третиот бил елиминиран со средства за електронско војување.

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин изјави дека дрон ја оштетил фасадата на една од кулите на Москва Сити, на 21 кат, а стаклото било скршено на 150 квадратни метри, но нема повредени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.