Кирил бил со векови предвремето, Кирил го вградил не само својот живот, туку и нашиот живот на некој начин во Европа пред многу, многу векови и тоа мора да го почитуваме, изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска Давкова по молебенот во чест на Свети Кирил, во базиликата „Свети Климент“ во Рим, каде се наоѓа и гробот на сесловенскиот просветител.

-Тоа мораме да го почитуваме. На Кирил му било јасно значењето на зборот, на речта, на мислата, бидејќи тоа значи обединување, разбирање, слушање говорење, рече Сиљановска Давкова.

Како што јави известувачот на МИА од Рим, Таа нагласи дека пораката на Кирил дека јазикот е код на разбирање е доказ дека тој на ум имал обединување на сеслосвенскиот свет.

-Тие му припаѓаат на него и тој им припаѓа на сите, рече Сиљановска Давкова по молебенот на кој имаше нашинци од Италија и Австрија, како и македонски верници, кои тука се присутни специјално за одбележувањето на Денот на Светите Кирил и Методи.

Митрополитот Европски, владиката Пимен, кој заедно со митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, го водеше молебенот пред гробот на Сети Кирил, порача дека овој настан се организира по 56 пат и особено е значаен од теолошка смисла за нас.

-Токму тука, каде се почива Свети Кирил е победена тројазичната ерес. Тоа покажало дека на секој јазик може да се слави Господ Бог и со тоа се дава можност секој човек на свој јазик да слушне за Господа и да не биде само пасивен посматрач, туку активено да може да се посвети на службата, рече Пимен.

Тој нагласи дека освен од теолошка страна секако делото на Кирил е значајно за нас како македонски народ, затоа што ни е овозможено да се користиме со кирилицата и затоа што, како што посочи, сме останале посебен дел од сите словенски народи со свој макеодонски литературен јазик, кој не е копија на ниту еден друг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.