Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека претстојната зима ќе биде „опасна по живот“ за милиони Украинци по серијата разорни руски напади врз енергетската мрежа на таа држава.

Оваа зима ќе биде опасна по живот за милиони луѓе во Украина. Едноставно кажано – оваа зима ќе биде за опстанок, изјави Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

Тој додаде дека тоа ќе биде тест и за здравствениот систем во земјата.

Украина треба да ги реши проблемите особено со снабдувањето со топлинска и електрична енергија.

Струјата е неопходна за работа со уреди во одделенијата за интензивна нега, за инкубатори или за складирање на крв, истакна Клуге.

Според него, четвртина од Украинците се без струја, што ги натера да користат алтернативни извори на топлина, вклучувајќи јаглен или дизел генератори. Ова носи здравствени ризици, вклучително и изложување на токсични материи кои се штетни за децата, постарите лица и оние со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, како и случајни изгореници и повреди, предупреди Клуге.

СЗО досега верификуваше 703 напади врз медицински установи кои се случија од почетокот на војната пред девет месеци. Ова е кршење на меѓународното хуманитарно право и законот за војување, рече Клуге на прес-конференција во Киев каде се сретна со членовите на украинската Влада.

Тој додаде дека освен ризиците предизвикани непосредно од војната, во Украина постојат исти здравствени ризици како и на други место во Европа, вклучително и пандемијата на Ковид-19 или сезонскиот грип. Меѓутоа, во земјата разурната од војна, нивниот третман е комплициран поради ниските стапки на вакцинација и недостапноста на лекови.

Шефот на европскиот огранок СЗО затоа повика на брзо воспоставување хуманитарни коридори преку кои ќе биде можно да се транспортира се што е потребно во Украина, особено на териториите кои неодамна беа ослободени од руската окупација, каде што ситуацијата е уште полоша отколку во другите делови на земјата.

Според него, исто така, десет милиони Украинци, односно четвртина од населението, се изложени на ризик од психолошки проблеми, особено поради постојана изложеност на стрес, анксиозност, депресија или посттрауматски синдром.

Годинава, ова е четврта посета на Клуге на Украина. Во својот говор тој им се заблагодари на украинските лекари, медицински сестри и други здравствени работници за нивното херојство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.