Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги повика членките на НАТО да гарантираат заштита на украинските нуклеарни централи од руска саботажа.

Во видео-обраќањето пред Парламентарното собрание на НАТО во Мадрид, Зеленски рече дека сите сакаат да се сигурни дека нема да има опасни инциденти во нуклеарните централи и оти е „потребна загарантирана заштита од руска саботажа во нив“.

Претходно, шефот на руската државна агенција за атомска енергија Росатом, Алексеј Лихачев, предупреди дека постои ризик од нуклеарна несреќа во нуклеарната централа Запорожје по гранатирањата во текот на викендот.

– Централата е во опасност од нуклеарна несреќа. Цела ноќ преговаравме со Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), изјави генералниот директор на Росатом.

Лихачев истакна дека МААЕ повика на создавање безбедносна зона околу нуклеарната централа и посочи дека тоа ќе биде можно само со одобрение на САД. МААЕ соопшти дека денеска ќе го процени влијанието на нападите врз нуклеарната централа во Запорожје, откако локацијата беше гранатирана десетици пати во текот на викендот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.