Претседателот на Казахстан Касим-Џомарт Токаев изјави дека казахстанските власти немаат намера да преговараат со терористите.

Од странство повикуваат страните да преговараат за мирно решавање на проблемите. Целосна глупост! Какви преговори може да се водат со криминалци, со убијци? Имаме работа со вооружени и обучени бандити, рече Токаев.

Казахстанскиот лидер рече дека главниот град на државата бил нападнат од 20.000 „бандити” и изрази „посебна благодарност” до рускиот претседател Владимир Путин за испраќањето војници.

Повеќе од 70 авиони Ил-76 и пет авиони Ан-124 префрлаат единици на рускиот контингент во Казахстан во рамките на силите на Организацијата за договорот за колективна безбедност (ОДКБ), изјави претставникот на Министерството за одбрана на Русија, генерал-мајор Игор Конашенков.

„Воздушната група формирана од Министерството за одбрана на Русија 24 часа на ден префрла единици на рускиот контингент од мировните сили на ОДКБ во Казахстан“, изјави Конашенков, а пренесува РИА Новости.

Во исто време, Министерството за одбрана на Русија соопшти дека руските мировни сили им помогнале на безбедносните сили на Казахстан да преземат целосна контрола над аеродромот во најголемиот град Алмати.

Претходно беше најавено дека руските мировници ќе ги чуваат владините згради и ќе ѝ помагаат на казахстанската армија да го одржува редот.

Аеродромот беше окупиран од група демонстранти пред два дена, но репортерот на „Ројтерс“ на местото на настанот информира дека тие биле потиснати од казахстанските сили.

Казахстанскиот претседател Касим-Џомарт Токаев денеска соопшти дека мировни сили од Русија и соседните земји се дојдени во Казахстан привремено и на негово барање со цел да се обезбеди мирот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.