Британскиот премиер Борис Џонсон ги обвини антиваксерите дека зборуваат глупости кога се во прашање вакцините против Ковид-19.

Тој рече дека оние кои шират погрешни информации на социјалните мрежи „во потполност грешат“ и дека е време да им се посвети внимание, пренесе Би-би-си.

„Сакам да им порачам на антиваксерите, на луѓето кои пишуваат глупости на социјалните мрежи – целосно грешат. Досега не сте ме слушнале да го кажам ова, бидејќи мислам дека е важно да имаме доброволен пристап во оваа земја и тоа ќе го одржиме“, рече Џонсон, алудирајќи дека Британија нема да воведе задолжителна вакцинација.

Тој посочи дека некои негови европски колеги се одлучуваат за „принудни“ решенија.

„Антиваксерите целосно грешат и време е владата да им посвети внимание поради тоа што го прават. Апсолутно е погрешно, контрапродуктивно, сè што ставаат на социјалните мрежи е глупост“, изјави Џонсон.

Тој откри дека околу 30 до 40 проценти од 17.000 пациенти во британските болници не биле вакцинирани со ниедна доза.

„Овој број се зголемува кога станува збор за интензивна нега“, посочи Џонсон, додавајќи дека повеќето од хоспитализираните не добиле бустер доза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.